[ВИДЕО] Повторно активиран пожарот во штипско Кадидере, зафатени викендици, повредено едно лице

Макфакс

11/06/2026

17:50

446

Големина на фонт

а а а

Повторно е активиран пожар во близина на штипското Кадидере, каде што претходно беше изгаснат пожарот. Екипи на пожарникари и доброволци се ангажирани на терен со цел да се контролира огнот, поради што е повикан и авион и помош од соседните општини.

Денеска во попладневните часови на бројот 112 е пријавена повторна појава на пожар на отворено во близина на локацијата Кадидере, каде што ноќеска беше изгаснат претходниот пожар, информираат од ЦУК.

ТППЕ Штип, според ЦУК, првично интервенирала со екипа од 3 пожарникари и едно противпожарно возило, а поради влошување на состојбата, во 15:20 часот на терен биле ангажирани вкупно 20 пожарникари и 4 противпожарни возила. Во гаснењето се вклучи и ДПД Штип со 4 возила и 12 членови.

„Од пожарот се зафатени сува трева и грмушки, а поради силниот ветер тој брзо се шири на тешко пристапен терен. Од пожарот се зафатени и неколку викендички.

Поради влошување на состојбата, покрај екипите на ТППЕ Штип и ДПД Штип, повикани се и екипи од околните територијални противпожарни единици во регионот. Активиран е и авион на Дирекцијата за заштита и спасување, а преку ЕЛС е побарана дополнителна помош од соседните општини.

Пожарот добива на интензитет, а сите расположливи локални единици се ангажирани на терен во обид да се стави под контрола огнената стихија“, соопшти ЦУК.