Во оваа земја, наместо зима пристигна лето! Луѓето „распослани“ на плажите, но целиот свет е загрижен поради она што ги очекува

Точка

11/06/2026

19:28

620

Големина на фонт

а а а

Наместо вообичаеното заладување што го носат мај и јуни, главниот град на Перу, Лима, во моментов ужива вистинско летно време. Температурите се искачија на околу 27 степени Целзиусови, па граѓаните се упатија кон плажите и капење во океанот. Температурата на морето долж брегот се зголеми за речиси 5,5 степени над просекот, додека во градот Паита на северот на Перу е забележано дури 7,9 степени повеќе од вообичаените вредности.

Причината за тоа е бран од рекордно топла вода под површината на океанот, кој во текот на последните два месеца се движеше низ Пацификот и сега стигнува до перуанскиот брег. Тој бран е поврзан со развојот на феноменот Ел Нињо, кој според најновите модели би можел да стане најсилниот досега забележан, пишува „Вашингтон пост“.

Абрахам Леви, директор на метеоролошка консултантска компанија во Перу, ја опиша температурата на океанот како „нешто незамисливо во нормална година“ и рекол дека Перуанците со загриженост го следат развојот на ситуацијата, иако истовремено го користат пријатното време за престој на отворено.


Што всушност е Ел Нињо?

Ел Нињо е природен климатски феномен кој настанува кога површинските води во централниот и источниот дел на Тихиот океан се загреваат повеќе од вообичаено, што потоа влијае на временските прилики низ целиот свет.

Во нормални услови, пасатите (постојани ветрови) ја потиснуваат топлата вода кон западниот Пацифик, во правец на Австралија и Индонезија. За време на Ел Нињо, тие ветрови ослабуваат или го менуваат правецот, па топлата вода се поместува кон бреговите на Јужна Америка.

Последиците од Ел Нињо можат да бидат различни:

• обилни врнежи и поплави во делови од Јужна Америка ;

• суши во Австралија, Индонезија и во одредени делови од Африка ;

• поблаги зими во некои подрачја на Северна Америка ;

• промени во рибарството, бидејќи потоплата вода ги менува морските екосистеми.

Ел Нињо обично се појавува на секои три до пет години и трае од неколку месеци до една година. Постои и неговиот спротивен феномен, Ла Ниња, кога водите на Пацификот се постудени од вообичаено. Двата феномена се дел од поширок климатски систем познат како „ENSO“.


Најсилен во историјата

„European Centre for Medium-Range Weather Forecasts“ објави нови прогнози според кои температурата на централниот дел од екваторијалниот Пацифик до ноември би можела да порасне и до 3,5 степени над просекот. Со тоа би бил соборен рекордот од 2015 и 1877 година, а последиците би можеле да се чувствуваат дури до 2027 година.

Во одредени делови од светот, како Перу, последиците веќе се видливи.

„Последиците веќе се чувствуваат во рибарскиот сектор поради прекинот на индустрискиот излов на аншоа, една од најголемите рибарски дејности во светот“, рекол Леви.

Можност за катастрофални врнежи


Леви предупредува дека наглото затоплување на крајбрежните води, локално познато како Ел Нињо Костеро, носи „можност за катастрофални врнежи долж перуанскиот брег“, особено за време на сезоната на дождови која трае од декември до април.

„Силен или многу силен Ел Нињо Костеро претставува прашање од големо значење за националната безбедност на Перу“, заклучил тој.

Засега, жителите на Лима уживаат во плажите и температурите што повеќе потсетуваат на јануари отколку на јуни. Сепак, зад необично пријатното време се крие климатски феномен што би можел да остави последици далеку надвор од границите на Перу.