Министерот за здравство Азир Алиу истакна дека Македонија ќе се приклучи на најголемата здравствена програма на ЕУ, EU4Health, што ќе донесе европска рамка на реформите и отворање на можности за подобрување на здравствениот систем и соработка со европските здравствени институции.
Министерот за здравство, Азир Алиу на денешниот брифинг со претставниците на медиумите потенцираше дека по една година од преземањето на функцијата, најважниот резултат не е само во поединечните проекти и процеси кои се започнати, туку во насоката што ја поставивме.
Пристапувањето кон EU4Health на 24 јуни во Брисел ќе биде најсилна потврда дека домашните реформи добиваат европска рамка и дека Македонија станува дел од најголемата здравствена програма на Европската Унија. Ова е отворање на европска здравствена врата за нашите институции, здравствени установи, академската заедница, професионалните организации и пациентските здруженија. Ако првата година од мандатот беше година на поставување правец, втората ќе биде година на користење на можностите на EU4Health и активно учество во европските здравствени процеси, посочи министерот Алиу.
EU4Health претставува програма со оперативен буџет од 4,4 милијарди евра за периодот 2021–2027 година, а со пристапувањето, нашата држава добива можност да учествува во повици, грантови, јавни набавки, заеднички акции и европски партнерства.
Најголемата вредност на EU4Health не е само во парите, туку во стандардите, знаењето, европските мрежи и можноста нашето здравство да учествува во заедничките европски здравствени процеси. Оваа програма отвора можности за проекти во дигитално здравство, European Health Data Space, превенција, скрининг, ментално здравје, подготвеност за кризи, пристап до лекови, медицински производи и јакнење на здравствениот кадар. По пристапувањето, нашата задача е да изградиме оперативен капацитет и да подготвиме конкретни проектни апликации, додаде Алиу.
Тој појасни дека пандемијата покажа дека ниту една држава не може сама да се справува со сите здравствени ризици, и токму затоа EU4Health е важен чекор кон здравствена безбедност што не зависи само од домашните капацитети, туку и од европската солидарност, координација и заеднички ресурси.











