Канада ги забранува социјалните мрежи за помлади од 16 години, се почна со скандалот со Чат ГПТ

Макфакс

11/06/2026

09:30

182

Големина на фонт

а а а

Канада воведува закон што забрани социјални мрежи за деца под 16 години и воспоставува регулација на вештачката интелигенција, со цел да се заштити менталното здравје и безбедноста на младите, по скандалот со Чат ГПТ и примерот од Австралија.

Канадската влада претстави нов закон за дигитална безбедност со кој би се забраниле социјалните мрежи за деца помлади од 16 години, со исклучоци за платформите кои исполнуваат одредени безбедносни стандарди, неколку месеци откако Австралија ја донесе првата таква забрана во светот.

Предлог-законот, исто така, има за цел да ги направи ВИ чет-ботовите, програмите за симулација на човечки разговор, побезбедни преку воспоставување на дигитален регулатор за утврдување на безбедносни стандарди, рече владин функционер.

Компаниите би можеле да се соочат со казни од 3 отсто од глобалниот приход или до 10 милиони канадски долари (7,2 милиони американски долари), што и да е повисоко, поради непочитување на прописите.

Сè започна со скандалот со „Чат ГПТ“

„Платформите за социјални медиуми и ВИ чет-ботовите се дизајнирани да го привлечат вниманието. Тие не го поддржуваат здравото детство и станаа извор на анксиозност, изолација, депресија и низа други предизвици за менталното здравје за многу млади Канаѓани“, рече Марк Милер, министер за канадски идентитет и култура.

„Овој закон ќе обезбеди побезбедна средина за младите Канаѓани и ќе ги овласти да се поврзуваат лично, да градат пријателства, да се фокусираат на училиштето и да учат вештини од реалниот свет за да можат да напредуваат.“

Предлог-законот во Парламентот доаѓа неколку недели откако семејствата погодени од едно од најлошите масовни пукања во земјата го тужеа „Опен АИ“, тврдејќи дека компанијата знаела оти наводниот убиец планирал напад на Чат ГПТ, но не ја предупредила полицијата.

„Опен АИ“ не одговори веднаш на барањето за коментар.

Во декември, Австралија стана првата земја во светот која им забрани социјални мрежи на деца помлади од 16 години. Еден месец откако законот беше воведен, компаниите за социјални медиуми колективно ги деактивираа сметките на речиси 5 милиони тинејџери.

Владини претставници на технички брифинг рекоа дека може да помине една година додека законот да биде усвоен, а 18 месеци за да се воспостави дигитален регулатор откако тоа ќе се случи.

Поширока регулатива

Портпаролот на „Гугл“, сопственикот на „Јутуб“, рече дека компанијата е посветена на соработка со федералната влада со цел да се воспостават повисоки безбедносни стандарди за сите платформи, за родителите да имаат доверба и контрола врз изборот на подобри и побезбедни онлајн искуства за своите деца. МЕТА, сопственикот на Инстаграм и Фејсбук, како и X на Илон Маск (поранешен Твитер) и Снапчет, не одговорија веднаш на барањето за коментар.

Франција, Данска и Полска, исто така, размислуваат за заострување на правилата за користење на социјалните мрежи за деца, додека Грција во април најави дека од јануари 2027 година ќе го забрани пристапот за лица помлади од 15 години. Премиерот Марк Карни има тесно мнозинство во Парламентот, кој наскоро треба да оди на летна пауза.

Брет Каравеј, вонреден професор на Универзитетот во Торонто кој се фокусира на технологијата и приватноста, рече дека канадскиот предлог би бил посеопфатен од австралискиот закон.

„Канадскиот предлог би подразбирал посложен сет на обврски и (редизајн) на платформата. Неговата цел е редизајн на екосистемот на социјалните медиуми за да биде побезбеден за децата, додека австралискиот закон се однесува на ограничување на пристапот до екосистемот“, рече тој.

„Опсегот е исто така поширок затоа што канадскиот закон би се занимавал и со вештачката интелигенција.“