Спасовски: Трипуновски манипулираше со земјоделците во опозиција, а ги заборави како министер

Макфакс

10/06/2026

23:27

153

Големина на фонт

а а а

Оливер Спасовски ја критикува работата на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, истакнувајќи неисполнети ветувања кон земјоделците, доцнење на субвенциите, укинување на мерки за поддршка и недостаток на политики кои би помогнале во справувањето со зголемените трошоци во земјоделското производство.

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, го обвини министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, за неработење, арогантен однос кон Собранието, неисполнети ветувања кон земјоделците, доцнење на субвенциите, укинување на мерки за поддршка и целосно отсуство на политики за справување со растечките трошоци во земјоделското производство.

Осврнувајќи се на работата на министерството, Спасовски потсети на блокираните европски средства и серијата кадровски промашувања во ресорот, а потсети и дека токму земјоделците денес се прашуваат каде исчезнале ветувањата што Трипуновски ги давал додека бил во опозиција.

„Денес лозарите, оризопроизводителите, производителите на пченица, млекопроизводителите се прашуваат дали ова е истиот Цветан Трипуновски кој секој ден одеше низ Македонија и зборуваше за лошите и погубни политики од претходниот период или е сегашниот министер кој веројатно ги заборавил тие ветувања“, истакна Спасовски.

Посебен акцент тој стави на неисплатените субвенции и неизвесноста со која се соочуваат илјадници земјоделци.

„Факт е дека сè уште не е исплатен голем дел од субвенциите. Тоа што се исплаќаше во март, април и мај како дел од субвенциите, оваа година не се исплаќа. Земјоделците бараат одговор зошто е тоа така“, рече Спасовски.

Тој побара одговор и дали најавениот ребаланс на Буџетот ќе значи дополнителни кратења на средствата за земјоделството.

„Дали тоа значи дека нема да има ребаланс со кој ќе се зголемат средствата за субвенции? Дали тоа значи дека луѓето нема да ги добијат субвенциите до крајот на годината поради состојбата со Буџетот и јавните финансии?“, потенцираше Спасовски.

Спсовски се осврна и на состојбите кај лозарите, јаболкопроизводителите и оризопроизводителите, оценувајќи дека голем дел од ветените мерки не се реализирани.

„Ако се фалиме со мерките за лозарите, ќе видиме дека тие останаа на маргините. Не ги добија дополнителните три денари што ги бараа“, рече Спасовски, потсетувајќи дека биле укинати и дел од мерките за поддршка на лозарството.

За јаболкопроизводителите посочи дека и понатаму чекаат исплата на средствата.

„Сите количини јаболка предадени од 15 август 2024 до 30 јуни 2025 година, особено во Ресен и Ресенско, до денес не се исплатени по оваа мерка. А за 2025 година, на ваш предлог, таа мерка е укината. Оризопроизводителе, тоа е категорија луѓе со кои најмногу манипулиравте додека бевте во опозиција. Тоа денес не го кажувам јас, туку самите оризопроизводители“, истакна Спасовски.

Тој предупреди и на тешката состојба кај производителите на пченица и сточарите, кои се соочуваат со растечки трошоци и недоволна поддршка.

„Ако производството на пченица чини 20 денари, а откупната цена е од 9 до 12 денари, кој би работел со загуба? Никој. А за тоа нема никакви мерки. Не презедовте ниту една мерка за да им помогнете на земјоделците во овие услови. Денес Европската Унија определува дополнителни 500 милиони евра за земјоделците во земјите членки токму поради растот на влезните трошоци во производството. Која мерка е донесена кај нас? Која програма ја понудивте за ублажување на овие последици и за поддршка на земјоделските производители? Клучното прашање денес е: каде се парите за субвенциите на земјоделците, министре? Тоа е прашањето на кое мора да одговорите, за тие луѓе да знаат што ги очекува“, рече Спасовски.