По Баерн Минхен и Атлетико Мадрид, ПСЖ е уште еден клуб во низата кој му дава „корпа“ на Флорентино Перез, особено откако новиот претседател на Реал Мадрид најави „Галактико засилување“ кое ќе чини најмалку 150 милиони евра.
За време на претседателската кампања која ја водеше, Перез најави дека ќе испрати понуда 150 милиони евра за елитен играч, па иако вчера стана познато дека станува збор за Хулијан Алварез, негативниот одговор од Атлетико го тера да се врти кон други опции.
Претходно со негативен став за продажба на Мајкл Олисе се јави и Баерн Минхен, па по вчерашниот дрзок одговор од Атлетико, како потенцијални опции останаа Жоао Невеш и Витиња од ПСЖ.
Двете големи ѕвезди од средниот ред на Луис Енрике се проценети како играчи кои можат да чинат 150 милиони евра, но нивниот агент Жорже Мендеш денеска ја затвори вратата за трансфер на било кој од двајцата.
– Витиња и Жоао Невеш никогаш не беа опција за ниту еден клуб во овој момент. Тоа се играчи кои се недопирливи во ПСЖ и двајцата се чувствуваат многу среќно во Париз. Тие ќе продолжат да освојуваат трофеи во ПСЖ, – изјави агентот на двајцата Португалци.
Оваа порака дефинитивно се испраќа како јасен сигнал за Флорентино, кој средствата кои сака да ги вложи ќе мора да ги пренамени за други играчи.







