Не сите видови овошје се подеднакво добри за вашето здравје: Овие пет треба да ги јадете секојдневно

Точка

10/06/2026

13:15

531

Големина на фонт

а а а

Консумирањето точно одредени видови свежи намирници секој ден, а не какви било пет порции овошје и зеленчук, би можело клучно да придонесе за зачувување на здравјето на срцето, сугерира најновото истражување.

Научниците тврдат дека не сите намирници имаат иста вредност, поради што многу луѓе преку исхраната не внесуваат доволно важни нутриенти, познати како флаваноли.

Според зборовите на експертите, идеален начин за надоместување на овие соединенија е консумирањето боровинки, сливи, капини, цреши и брусници, заедно со шолја зелен чај, но и фава-грав.


Студијата спроведена на 30.000 испитаници од Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство покажала дека овие нутриенти често недостигаат во исхраната, дури и кај лица кои редовно ги консумираат препорачаните пет порции овошје и зеленчук дневно.

Истражувањето објавено во научното списание „Food and Function“ открива дека помалку од една петтина од населението секојдневно ја внесува препорачаната количина од 500 милиграми флаваноли. Овие антиоксиданси, присутни во специфични намирници, ги намалуваат воспалителните процеси и на тој начин го поддржуваат здравјето на срцето, ја подобруваат циркулацијата и еластичноста на крвните садови.

Во текот на студијата, научниците ја следеле исхраната на испитаниците и анализирале биомаркери во урината за прецизно да го измерат внесот на овие соединенија.

„Повеќето луѓе претпоставуваат дека со внесување големи количини овошје и зеленчук работата е завршена. Меѓутоа, ова истражување покажува дека специфичниот избор на намирници е далеку поважен од вкупната количина храна“, објаснува водечкиот истражувач д-р Хавиер Отавијани.


Неговиот колега, професорот Гинтер Кунле од Универзитетот во Ридинг, додава дека иако правилото „пет на ден“ и понатаму е исправна порака, мора повнимателно да избираме кои се тие намирници.

„Различното овошје и зеленчук обезбедуваат целосно различни нутритивни придобивки што ги надминуваат самите витамини и минерали“, истакнува Кунле.

Меѓу намирниците што содржат најмногу флаваноли се сливите, брусниците, капините, зелениот чај, фава-гравот, црешите, јаболката, јагодите и боровинките.