Нова книга за Милчо Манчевски промовирана во Италија: Фикцијата, вистината и филмот во еден капитален опус

Точка

10/06/2026

11:50

317

Големина на фонт

а а а

На Универзитетот во Павија, Италија, беше промовирана новата книга "Manchevski: Fiction and Non-Fiction" на македонскиот режисер Милчо Манчевски, која содржи поезија, проза, теоретски размислувања и интервјуа, прикажувајќи го неговото филмско и уметничко творештво.

На Универзитетот во Павија, Италија, се одржа промоција на нова книга на режисерот Милчо Манчевски со наслов „Manchevski: Fiction and Non-Fiction“. Издавач е римската куќа „Cue press“, во едиција со томови од и за Самјуел Бекет, Федерико Фелини, Марко Ферери. Уредник на изданието е младиот италијански писател и публицист Лудовико Кантисани, а воведот го напиша легендарниот директор на Венецискиот филмски фестивал Алберто Барбера.

„Manchevski: Fiction and Non-Fiction“ содржи поезија и проза од Манчевски, негови теоретски размислувања за природата на уметничкиот процес, серија длабински италијански интервјуа со него и сѐопфатна уметничка биографија и анализа на опусот. Покрај тоа што претставува своеобразен водич низ досегашното филмско и уметничко творештво на реномираниот македонски режисер, овој кардинален опус ги истражува и границите меѓу фикцијата и документарниот израз, еден од централните дискурси во творештвото и истражувањето на Манчевски.

На промоцијата се обрати и самиот автор, кој одговараше на прашања од публиката, од гости на Меѓународниот филмски фестивал во Павија, од филмски работници и од деканот на колеџот.

Приредувачот Лудовико Кантисани вели:

„Книгата нуди длабинско истражување на креативното и интелектуалното патување на еден од најголемите европски филмски автори. Манчевски припаѓа на онаа мала група режисери, кои покрај тоа што ги пишуваат сопствените филмови, умеат да формулираат оригинална и убедлива теорија за филмот, ставајќи го во центарот на своето истражување амбивалентниот однос меѓу вистината и фикцијата. Интервјуата и биографските материјали реконструираат извонредна кариера обележана со предизвици и иновации, откривајќи како Манчевски доследно ги преточувал своите теоретски принципи во филмска практика. Книгата, исто така, нуди увид во експерименталните, а понекогаш и лирски темели на неговото раскажување приказни. Со тоа, таа го проширува опсегот на ова издание надвор од самиот филм, претворајќи го во поширока рефлексија за наратологијата и за јазичните предизвици на уметничкото изразување.”

Претставувањето на книгата се случи во Гранде Аулата на Колеџот Каироли при Универзитетот во Павија кој постои уште од 1781, познат како „Универзитетски колеџ на заслуги“, центар на академскиот и културниот живот во градот. Аулата се покажа како идеална сцена за претставување на ова капитално дело.

Книгата на Манчевски ќе биде промовирана и во Рим и Пезаро.