Светот на медицината остана без еден од своите најголеми умови. Австралискиот лекар и врвен експерт за меланом, Ричард Сколјер (59), почина по тригодишна борба со глиобластом, исклучително агресивен тумор на мозокот.
Сколјер ќе остане запаметен не само по своите епохални придонеси во науката, туку и по неверојатната храброст да се подложи на неиспитано, експериментално лекување кое го водела неговата блиска соработничка и пријателка, професорката Џорџина Лонг.
Неговата одлука да ги одбие стандардните методи на лекување, кои вклучуваат зрачење, операција и хемотерапија и по кои пациентите ретко живеат подолго од една година, била водена од истиот ентузијазам со кој со децении лекувал други.
Пред операцијата, тој бил подложен на првата некогаш комбинирана имунотерапија и примил персонализирана вакцина. Овие иновативни чекори се потпирале на сознанијата до кои тој и професорката Лонг претходно дошле во борбата против ракот на кожата, а ова пионерско лекување на тумор на мозокот веќе поттикнало нови клинички испитувања.
За својата дијагноза и одлуката да биде „заморче“ во сопствената терапија, Сколјер бил дециден:
„Тоа за мене немаше смисла... едноставно да прифатам сигурна смрт без да пробам нешто различно. Тоа е неизлечлив рак? Е па, не доаѓа предвид“, рекол тогаш.
Заедно со професорката Лонг, Сколјер ја зголемил стапката на преживување кај напреднат меланом од помалку од 10 на речиси 50 проценти, поради што во 2024 година двајцата ја поделија престижната титула „Австралијанец на годината“.
Во текот на својата богата кариера, тој ја извршувал функцијата коосновач и директор на „Melanoma Institute Australia“, а посебна радост наоѓал во менторската работа со млади патолози.
„Секогаш ме водеше уверувањето дека сите имаме одговорност да се обидеме да ја менуваме иднината за другите и да го оставиме светот подобро место. Тој став целосно го живеев“, истакнал своевремено овој брилијантен научник.
Неговиот колега и пријател, хирургот Џон Томпсон, го сумирал уникатниот медицински подвиг на Сколјер во кратка, но силна реченица: „Тоа беше наука во акција“.
Проштално писмо кое тера на солзи во очите
По неговата смрт, на виделина излезе емотивното проштално писмо на докторот.
„Сакав да продолжам да придонесувам, дури и во моите најмрачни моменти. Ова го пишувам како последен поздрав до сите кои имав огромна привилегија да ги сакам, со кои го делев животот, работев и се среќавав во текот на животот кој може да се опише само како исполнет со среќа, оптимизам, можности и страст“, порачал Сколјер.
Тој зад себе ја остави сопругата Кети Никол, која исто така е патолог, и нивните три деца. На семејството и на целата јавност им се обрати со зборови полни љубов и благодарност.
„Ова го пишувам знаејќи дека моето прекрасно семејство би било со мене секоја минута, како што беше во текот на целиот мој пат. Тие претставуваат сè што е најдобро во луѓето и ме прават неизмерно горд. Се смеевте со мене, плачевте со мене и ми дававте сила токму кога ми беше најпотребна. Не го разубавував моето патување и искрено ви благодарам што ми дозволивте да го споделам, со сите негови маани“, стои во неговото писмо.
Ова уникатно патување на храбриот лекар го овековечи и австралискиот премиер Ентони Албанезе, нарекувајќи го „еден од нашите најсјајни и најтопли луѓе“.
„Секој ден овој извонреден човек, специјалист за рак кој стана и свој сопствен пациент, нè вклучуваше во своето патување и притоа нè подигаше сите“, истакнал Албанезе и додал:
„Патувањето на Ричард беше тешко и потресно. ‘Моето неизвесно патување’, како што го нарекуваше со карактеристична скромност. Сепак, тоа беше пат по кој одеше со храброст, решителност и достоинство што беше извонредно. Начинот на кој го споделуваше со нас беше чин на длабока великодушност.“
Како свој последен аманет за идните научници и светски лидери, врвниот лекар порачал:
„Мораме и можеме да продолжиме да ги поместуваме границите за да го унапредиме лекувањето на ракот.“










