Побарал празна чинија за да ја сподели пицата, па добил шокантна сметка, сопственикот: Тоа е сосема логично!

Точка

09/06/2026

14:15

1.059

Големина на фонт

а а а

Невообичаеното правило на една пицерија во горна Австрија предизвика жестока дебата во последните денови. Имено гостите кои сакаат да споделат пица со друго лице мора да платат дополнителни 11 евра за таканаречена „разбојничка чинија“, односно празна чинија за второто лице.

Во менито на пицеријата во Гасполтсхофен јасно е наведено дека нивните пици се наплаќаат по лице. Затоа, од гостите се бара сами да нарачаат своја пица. Доколку одлучат да споделат, ќе им бидат наплатени дополнителни 11 евра. Оваа доплата наиде на силно неодобрување од некои гости, но сопственикот Џорџ Гелчеа инсистира дека тоа е сосема оправдана мерка.

„Мислам дека многу други ресторани наскоро ќе воведат слично правило. За нас, тоа е сосема логично“, изјавил тој за порталот „Heute“.

„Доаѓаат, нарачуваат еден пијалак и седат четири часа“

Според него, често се случува гостите да заземаат маса со часови, а да нарачуваат многу малку. „Доаѓаат, нарачуваат еден пијалак и остануваат четири часа. По првиот пијалак, пијат само вода од чешма бидејќи кај нас е бесплатна“, објаснил огорчениот угостител. Тој нагласил дека доплатата не е наменета за самата празна чинија.

„Не станува збор за 11 евра за празна чинија. Тука се и трошоците за персонал, прибор, простор и место за седење. Сето тоа ме чини многу“, објаснил сопственикот.


Тој се присетил на група од 17 гости кои како што рекол „ја прелиле чашата“ и биле причината поради која донел ваква одлука:

„Околу половина од нив нарачаа храна, додека останатите побараа празни чинии за споделување. Еден од гостите нарача само чаша вода од чешма“.

„Ние сме ресторан, а не парк“

Сопственикот верува дека овој начин на работење не е одржлив на долг рок.

„Секако дека сакаме да бидеме добри домаќини, но не можеме да преживееме од тоа. Ние сме ресторан, а не парк“, истакнал Гелчеа. Иако го разбира гневот на некои гости, тој исто така предупредил на високите трошоци за работење. Неговиот објект неодамна бил проширен и сега може да прими 43 гости.

„Тукушто инвестиравме неколку стотици илјади евра. Сега ќе морам да работам цел живот за да ги вратам тие пари“, нагласил сопственикот. Според него, најголемиот проблем се јавува за време на најголемите метежи.


„Проблемот е кога местото е полно и гладни гости доаѓаат и не можат да најдат слободно место затоа што некој со часови седи со една пица. Тогаш мора да размислуваме за економијата на бизнисот“, заклучил тој.

Овој случај предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. Додека некои сметаат дека угостителот има целосно право да ги поставува правилата во својот локал, други веруваат дека износот од 11 евра за споделување пица е претеран.