Археолозите во Кина откриле неколку литри пиво старо 2.300 години во гробница од 4 век пр. н. е. која се наоѓа на неколку километри од Кинескиот ѕид, пренесе „Фигаро“.
Резултатите од ова ископување, објавени во списанието „Journal of Archaeological Science“, откриваат ново поглавје во долгата историја на производство на пиво во Кина.
Во античка Кина, починатите биле погребувани со ферментирани пијалаци за кои се верувало дека ја олеснуваат комуникацијата со духовниот свет и им носат утеха на мртвите во задгробниот живот.
Оваа традиција на погребување може да го објасни новото откритие на археолозите на гробишта во близина на градот Гујуан во покраината Нингсја.
Таму било пронајдено бронзено шише со 3,7 литри течност, за кое анализата покажала дека е пиво.

Гробницата, која се наоѓа на неколку километри од дел од Кинескиот ѕид, датира од периодот помеѓу 445 и 221 година пр. н. е.
За време на лабораториската анализа, научниците идентификувале 23 класи на органски соединенија, вклучувајќи аминокиселини, масни киселини и јаглехидрати, како и 8.571 клетки од квасец.
Приуството на просо, пченица и јачмен, исто така, потврдува дека навистина станува збор за пиво, а не за пијалак на база на овошје.
Овој пијалак, датиран помеѓу 547 и 221 година пр. н. е. го покажува она што истражувачите го нарекуваат рафиниран и софистициран процес на производство на пиво за тоа време.
Додека најраните траги од алкохолна ферментација во Кина датираат од 7000 година пр. н. е. првите пива направени од житарки, добиени со сладување и готвење, се стари околу 5000 години.






