СДСМ ја претстави новата програмска платформа „Твоја држава, твоја шанса“ и иницијативата „Скопска иницијатива“ како дел од својата визија за просперитетна, инклузивна и европска Македонија со цел борба против корупцијата, подобрување на животниот стандард и обединување на граѓаните.
„СДСМ започнува нова етапа на политичко дејствување, заснована на вредностите на социјалдемократијата, борбата за подобар животен стандард, борба против корупцијата и за европската иднина. Со усвојувањето на програмската платформа „Твоја држава, твоја шанса“, СДСМ ја претстави својата визија за модерна, напредна, праведна и европска Македонија – држава во која трудот се вреднува, институциите работат за граѓаните, а младите ја гледаат својата иднина дома“, велат од СДСМ.
„СДСМ е на страната на младите, на работниците, пензионерите, земјоделците и сите граѓани кои чесно живеат од својот труд.
Во оваа насока „Твоја држава, твоја шанса“ нуди конкретен одговор на најголемите предизвици со кои денес се соочуваат граѓаните: високите цени, ниските плати, иселувањето на младите, корупцијата и слабите институции.
СДСМ се обврзува на политики што ќе обезбедат раст на платите, заштита на работничките права, правично оданочување, силна борба против корупцијата, независно судство, достапно здравство и квалитетно образование.
Преку „Скопската иницијатива“, СДСМ ја потврди својата улога како обединувачки фактор на поширокото прогресивно движење во регионот и Европа, кое се спротивставува на корупцијата, авторитарноста и антиевропските политики.
Европа не е апстрактна политичка цел, туку подобар живот дома, повисоки плати, владеење на правото и повеќе шанси за секој човек.
Македонија не смее да остане заглавена во национализам, популизам и политички манипулации кои ја оддалечуваат од европската иднина. Наместо поделби, СДСМ нуди визија за обединување околу државните интереси, економски развој и европски вредности преку поширок Фронт за вистина и правда“, се наведува во соопштението на СДСМ.











