[ВИДЕО] Невеста Хрватка, младоженец Србин - свадба во Франкфурт стана хит на мрежите: „Им фали кум Босанец и девер Македонец“

Точка

06/06/2026

17:05

933

Големина на фонт

а а а

Додека на просторите на поранешна Југославија и понатаму неретко се кршат копјата околу минатото, границите и националните припадности, една сцена од дијаспората го потсети регионот дека љубовта не знае за пасош.

Снимката од венчавката на невеста од Хрватска и младоженец од Србија, која е забележана во Франкфурт, стана апсолутен хит на социјалните мрежи, предизвикувајќи лавина позитивни реакции.

„Невеста од Хрватска и младоженец од Србија. Додека на Балканот пукаме од комплекси и препукувања кој е кој и што е што, во Франкфурт – свадба. Честитки до младенците!“, е напишано во описот на видеоснимката која е објавена на Инстаграм.

Атмосферата забележана на снимката сведочи за несекојдневна прослава пред зградата каде што гостите ги чекале младенците, пренесува „Telegraf“.


Со препознатливите звуци на трубачите, песната и општата веселба, во воздухот сложно се вееле и српското и хрватското знаме.

Без никакви тензии или политички конотации, обележјата на двете држави биле исклучиво декорација на еден голем, заеднички семеен ден.

Оваа сцена привлече огромен број коментари, а корисниците на социјалните мрежи во овој брак препознаа симбол на надеж и триумф на љубовта над вештачките поделби.

„Уште фали кумот да биде Босанец“

Како и секогаш кога станува збор за балканскиот менталитет, хуморот не изостана, па под објавата се нижеа духовити забелешки на сметка на комплетирањето на „поранешна Југославија“.

„Уште фали кумот да биде Босанец“, се пошегува еден корисник.

На тоа веднаш се надоврза друг коментар: „Старосват Словенец, девер Македонец и матичар Црногорец – сите на едно место“.


Сепак, покрај шегата, доминираа длабоки и сериозни пораки на поддршка кои испраќаат силна опомена до целиот регион.

„За нормален човек никакво чудо. Нека ви е со среќа, младенци“, порача еден од следбениците, додека друг додаде коментар кој собра многу симпатии: „Колку повеќе мешани бракови – толку помали се шансите повторно да нè скараат“.

Многумина во коментарите укажаа и на добро познатиот парадокс на животот во странство, забележувајќи дека луѓето од Балканот во туѓина се држат заедно и се нарекуваат „земјаци“, додека на домашен терен често ги „бројат крвните зрнца“.