Германската платформа за споредба на цени „Idealo“ ги анализираше рецензиите на посетителите за да открие кои популарни европски знаменитости туристите најчесто ги сметаат за преценети.
Во истражувањето, меѓу другото, биле земени предвид просечните оценки на рецензиите, гужвите, чистотата и односот меѓу цената и доживувањето, а на врвот на листата се нашол раскошниот Версај, големиот дворец на периферијата на Париз, пишува „Mirror“.
Дворецот Версај
Иако станува збор за еден од најпознатите европски дворци, чиј раскош го изградил кралот Луј XIV, истражувањето на „Idealo“ покажува дека голем број посетители не заминуваат воодушевени од Версај. Речиси една третина од негативните рецензии како главен проблем ги наведуваат преголемите гужви. Дворецот на „Google“ има многу висока оцена од 4,7, но во коментарите на незадоволните посетители се повторуваат истите забелешки, пренесува „Index“.
„Ова е само уште една туристичка замка. Местото е преполно. Поголемиот дел од уметничките дела се реплики, а оригиналите се чуваат во Лувр“, напишал еден разочаран посетител.
„Нема доволно тоалети за толкав број луѓе, а за секој дел од дворецот е потребен посебен билет: за одаите на кралицата и кралот, градините... Сè дополнително се наплаќа“, додал тој.

Во друга рецензија, објавена пред неколку месеци, стои:
„Беше невозможно да се ужива во дворецот со толкав број луѓе натрупани во просториите. Во таква гужва сè делуваше дури и малку небезбедно“.
Сепак, меѓу рецензиите можат да се најдат и пофалби.
„Прекрасно место што вреди да се посети. Толку многу историја! Фантастична архитектура и неверојатна уметност“, напишал еден посетител.
Паркот Гуељ во Барселона
На второто место се најде Паркот Гуељ во Барселона. Иако станува збор за еден од најпознатите проекти на Гауди, препознатлив по шарените мозаици и необичните архитектонски решенија, дел од посетителите не биле импресионирани.
„Моето искрено мислење е: не се ни трудете. Билетот чини 18 евра за да прошетате низ нешто што личи на селски парк. Внатре има три куќи кои подобро можете да ги видите на интернет-страница. Не ми е јасно како некој може да му даде оцена 4“, стои во една остра рецензија.

„Обична туристичка замка за извлекување пари. До влезот ви требаат 20 минути пешачење нагорнина и има многу скали. Сериозно, не фрлајте пари“, додал друг посетител.
Од друга страна, една понова рецензија нуди поинаков впечаток:
„Многу убав парк со неколку одлични места за фотографирање. Препорачувам билетите да ги купите однапред, но можете да ги набавите и на лице место ако дојдете рано. Најдобро е да дојдете наутро, веднаш по отворањето на паркот“.
Сикстинската капела
Третото место го зазеде Сикстинската капела во Ватикан, позната по светски прочуените фрески на Микеланџело на таванот. Меѓутоа, иако станува збор за еден од најважните уметнички простори во светот, посетата кај некои не оставила убави спомени.
Многумина се пожалиле на забрзаните обиколки, големите гужви и забраната за фотографирање на прочуениот таван.
Еден турист своето искуство го опишал вака:

„Ве водат низ лавиринт како стока. Ни требаше еден час за воопшто да стигнеме до капелата по влегувањето. Нè спасија само билетите за прескокнување на редот. Мислам дека луѓето чекаа повеќе од еден час само за да влезат“.
„Уметничките дела, секако, се неверојатни. Меѓутоа, поради гужвата во која стоите рамо до рамо низ целиот музеј, тешко е да се цени што било освен фактот дека сте платиле прескапи билети“, се пожалил друг посетител.
Вака изгледа листата на 10 најпреценети туристички атракции во Европа за 2026 година:
1. Дворец Версај, Париз
2. Парк Гуељ, Барселона
3. Сикстинска капела, Ватикан
4. Дворец Нојшванштајн, Баварија
5. Прашки дворец, Прага

6. Крива кула во Пиза, Пиза
7. Бранденбуршка порта, Берлин
8. Триумфална капија, Париз
9. Лувр, Париз
10. Ајфелова кула, Париз









