За да избегне плаќање надомест за багаж на аеродромот, се одлучила на екстремен потег — ја облекла целата облека од својата торба.
Карла Брунела (27) облекла шест слоеви облека откако ѝ било кажано дека нејзината торба е преголема за да помине како бесплатен личен багаж.
Таа летала со компанијата Рајанер од Верона за Манчестер, а за преголемиот рачен багаж требало да плати 70 фунти, односно околу 81 евро.
„Не сакав да платам ни цент“
Наместо да го плати надоместот, Карла решила да облече што е можно повеќе облека пред да помине низ безбедносната контрола. Цената на нејзиниот лет во мај изнесувала 43 фунти, односно околу 50 евра.

„Кога сфатив дека торбата не ја собира во калапот за мерење, почнав да се смеам. Некако и претчувствував дека тоа ќе се случи, бидејќи претерав со купувањето во Верона“, раскажала Карла од Шпанија.
„Кога дојдов да ја земам картата за влегување во авионот, службеничката ми рече дека мојата торба е преголема и дека морам да платам или да ја намалам нејзината содржина за да одговара на пропишаните димензии. Идејата се роди спонтано. Едноставно знаев дека не сакам да платам ниту цент повеќе. Единствената опција беше сè да облечам на себе“, раскажала таа.
Жешко и непријатно искуство
Карла, која работи во областа на менталното здравје, на крајот носела шест комплетни модни комбинации додека се приближувала кон излезот за качување во авионот.

„Беше жешко и напорно. Се чувствував чудно, а луѓето зјапаа во мене. Ја соблеков облеката веднаш штом ја поминав контролата на излезот, пред да влезам во авионот“, опишала таа.
„Но, бев пресреќна што не морав да ја платам казната. Мислам дека никогаш не би платила дополнителен надомест за чекиран багаж“, заклучила Карла.
Поделени реакции на интернет
Карла на социјалните мрежи споделила снимка на која носи повеќе слоеви облека на аеродромот, а видеото собрало речиси половина милион прегледи.
Многумина идејата ги насмеала, но реакциите се поделени.

„Значи, заштеди десетина евра? Баш имаш со што да се фалиш“, гласи еден коментар. Друг корисник кратко порачал: „Само плати.“
Но има и такви кои го поддржале нејзиниот потег: „Верувам дека ти било жешко, но потегот сепак е паметен“.
Еден корисник се пошегувал на сметка на другите патници: „Жал ми е за лицето што седело до тебе на крајот од летот“, а некои забележале и дека „таа торба ни приближно не одговара на димензиите за личен багаж“.







