[ВИДЕО] Од кајмак до пиварки: Италијанец прошета во македонски супермаркет, за еден деликатес тврди дека предизвикува „вистинска зависност“

Точка

05/06/2026

19:07

996

Големина на фонт

а а а

Ако некогаш сте се запрашале како изгледа македонски супермаркет низ очите на странец, одговорот го понуди популарниот италијански патник и инфлуенсер „Tripotatoes“, кој за време на својата посета на Македонија реши да ги истражи рафтовите во еден маркет и да ги сподели своите искрени реакции.

Неговото видео, насловено како „Чудни нешта во македонски супермаркет“, брзо привлече внимание на социјалните мрежи благодарение на автентичните и симпатични коментари за производите кои за нас се сосема вообичаени, а за странците изгледаат егзотично и необично.

Првото нешто што му го привлече вниманието беше манастирскиот локум. Поради амбалажата со црковна илустрација, Италијанецот на шега го нарече „православно или црковно чоколатце“.

Меѓу производите што најмногу го изненадија беа и пиварките со орев, за кои се обиде да им објасни на своите следбеници:

„Ова се благи топчиња кои во себе содржат пиво, па затоа се малку алкохолни. Не им го знам точно името, ама изгледаат интересно!“.

Особен впечаток му оставија и наполитанките. Гледајќи ги на рафтот, тој изненадено прокоментира: „Никогаш нит сум видел, нит сум чул“. Иако нивното име асоцира на Неапол, наполитанките всушност се австриски изум, а името го добиле по лешниците што некогаш се увезувале од околината на овој италијански град.

Кајмакот, пак, беше производот што најмногу го воодушеви. Италијанскиот гурман го опиша како „кремасто сирење со исклучителен вкус кое предизвикува вистинска зависност“, а со голем интерес ги разгледуваше и фрижидерите преполни со традиционални десерти. Тулумбите, баклавите, кадаифот и еклерите го натераа да посака да ги понесе сите со себе.

Сепак, како вистински Италијанец, не можеше да остане рамнодушен пред една комбинација која за него претставува вистински кулинарски шок. Забележувајќи дека лазањите и шпагетите се изложени веднаш до кечапот, зачудено рече:

„Ова е неверојатно… Лазањи, а веднаш до нив кечап. Не сакам ни да замислам што планираат да направат со ова!“.


Подоцна, повторно наиде на истиот распоред кај тестенините. Познато е дека Италијанците кечапот на паста го сметаат за вистинско богохулие, бидејќи традиционално користат исклучиво доматен сос.

Покрај тоа, патникот беше фасциниран од печените маслинки на скара во тегла, производ за кој призна дека првпат го гледа. Внимание му привлече и традиционалната Газоза, која ја опиша како македонска газирана сода, како и јогуртот во препознатливата розова амбалажа.

Како љубител на храната и доброто вино, тој не пропушти да го пофали и големиот избор на македонски вина, истакнувајќи дека нивниот квалитет е придружен со многу пристапни цени. Интересно му беше и тоа што во рибарниците може редовно да се најде свеж крап.

На крајот, „Tripotatoes“ заклучи дека македонските супермаркети нудат уникатна комбинација од традиционални вкусови, необични производи и гастрономски изненадувања, поради што претставуваат вистинско доживување за секој странец кој првпат ќе ги посети.