СДСМ: Извештајот на Вајц јасно покажува дека нема напредок во клучните реформи

Макфакс

05/06/2026

10:50

142

Големина на фонт

а а а

Извештајот на Томас Вајц од Европскиот парламент укажува на недостаток на напредок во важните реформи во Македонија, особено во владеењето на правото, судството и борбата против корупцијата, а СДСМ го критикува однесувањето на владата на Мицкоски како пропратено со политички притисоци и етнонационалистичка реторика.

Извештајот на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, јасно покажува дека нема напредок во клучните реформи – владеењето на правото, судството и борбата против корупцијата, велат од СДСМ.

„Ова е уште една потврда на она што СДСМ го зборува месеци наназад. Наместо реформи, владата на Мицкоски продолжува со политичка контрола врз институциите, јавно мешање во работата на обвинителството и создавање на атмосфера на страв и притисок.  Извештајот исто така јасно порачува дека јазикот, културата и македонскиот национален идентитет не смеат да бидат доведувани во прашање во процесот на европска интеграција“, велат од партијата.

Дополнително, додаваат од СДСМ, извештајот нагласува дека билатералните прашања треба да се решаваат преку добрососедски односи и отворен дијалог, а не преку провокации и националистичка реторика која ги влошува односите со соседите.

„Ова е директен одговор на сите обиди преку етнонационалистичка реторика и лажни дилеми да се блокира европскиот пат на Македонија. Владата на Мицкоски и понатаму се обидува да ја претстави уставната измена како „уцена“ и закана по идентитетот, иако токму тоа е основниот услов за продолжување на преговорите со ЕУ и нема никаква закана за македонскиот идентитет. Наместо да работи на исполнување на европските стандарди, таа продолжува со изолација и пропаганда. СДСМ уште одамна порачува: доста е со изговорите. Без уставни измени и без вистински реформи во правосудството, нема напредок кон Европа. Граѓаните не заслужуваат лаги и манипулации – заслужуваат јасен пат кон подобра иднина. Реформи сега. Европа сега“, велат од СДСМ.