Нетанјаху: Нема да гласаме за прекин на огнот со Либан сè додека Хезболах не ги прифати условите

Макфакс

05/06/2026

12:10

165

Големина на фонт

а а а

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека нема да се гласа за договорот за прекин на огнот со Либан додека милитантната група Хезболах не ги прифати поставените услови, откако Хезболах го отфрли договорот и инсистира на целосно повлекување на Израел од Либан.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа на состанокот на кабинетот им рече на министрите дека нема да свика гласање за најновата верзија на договорот за прекин на огнот со Либан, постигнат со посредство на САД, сè додека либанското милитантно движење Хезболах не ги прифати условите од тој документ.

Според извештајот на израелскиот портал Инет, министрите го критикувале кревкото примирје што делегациите на Израел и Либан се согласија да го обноват за време на состанокот во Вашингтон во среда и побарале тоа да се стави на гласање во кабинетот пред Израел да ги прифати неговите услови.

Сепак, Нетанјаху одби да свика гласање, велејќи им на министрите дека „моментално нема договор“ бидејќи Хезболах одби да ги прифати наведените услови.

Хезболах е против и затоа не донесувам одлука“, рече Нетанјаху, според „Инет“, додавајќи дека ќе го достави договорот за примирје до кабинетот на одобрување доколку Хезболах се согласи со условите на примирјето.

Шефот на либанската милитантна група Хезболах, Наим Касем, изјави во четвртокот дека сè додека либанските села се бомбардираат и луѓето умираат, северен Израел нема да биде безбеден.

„Прекинот со Израел треба да го опфати и јужниот дел од Либан. Отпорот ќе продолжи сè додека Израел е во Либан“, рече Касем.

Шефот на Хезболах додаде дека отфрла каква било врска помеѓу присуството на неговата група и прекинот на огнот или повлекувањето на Израел.

„Преговорите со Израел се „бесрамни“. Ние сме заинтересирани само за целосен прекин на огнот и повлекување на Израел од југ“, истакна Касем.

Хезболах претходно објави дека го отфрла договорот за прекин на огнот со Израел, поддржан од САД.

Групата во соопштението наведе дека „официјално го известила либанскиот претседател Џозеф Аун за отфрлањето на договорот, инсистирајќи дека секој прифатлив договор мора да започне со целосно повлекување на Израел од целата либанска територија“.

Хезболах рече дека исто така го смета враќањето на раселените жители, напорите за реконструкција и ослободувањето на либанските затвореници за „неопходни услови за секој иден договор“.