Државниот завод за ревизија откри неправилности во финансиското работење и менаџирањето со човечките ресурси во Академијата за судии, вклучувајќи пробиени рокови за обука, незаконски исплати на надоместоци и недоследности во јавните набавки и контролата на картичките за гориво.
Државниот завод за ревизија (ДЗР) го објави Конечниот извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Академијата за судии и јавни обвинители за 2024 година, на сметката на основниот буџет.
Овластениот државен ревизор изрази мислење без резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, но изрази мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики. Од ДЗР напоменуваат дека за годините што претходат на 2024 година, не била извршена ревизија ниту пак бил издаден извештај за оваа буџетска сметка на Академијата.

Неправилности во финансиското работење и менаџирањето со човечките ресурси
Неосновани исплати на надоместоци: Надоместоците на членовите на Управниот одбор и на Програмскиот совет биле исплаќани месечно и во целост, наместо пропорционално со нивното присуство на седниците. Исто така, исплаќани се надоместоци на членови на комисии за оценување на практична настава, како и за координатори, чиј статус, права и обврски воопшто не се утврдени со Законот за Академија за судии и јавни обвинители.
Пробиени рокови за обука на 8-мата генерација: Законски утврдениот рок за завршување на втората фаза од почетната обука за оваа генерација слушатели бил надминат за три месеци. Ова довело до дополнителни исплати на финансиски средства за ментори и координатори. Дополнително, дел од договорите со менторите за практична настава биле склучени откако веќе завршил периодот на менторство.
Пропусти со прекувремена работа и дневници: Констатирано е надминување на законскиот максимум за прекувремена работа, без претходно писмено известување до подрачниот инспектор за труд. Во еден од случаите, исплатени се средства за прекувремена работа на вработено лице во денови за кои истовремено му биле исплатени и дневници за службен пат во странство, како и за присуство на седница одржана во текот на редовното работно време.

Недоследности кај јавните набавки и картичките за гориво
Академијата набавувала стоки и услуги без да спроведе соодветна постапка за јавна набавка. Во еден од тендерите бил утврден критериум за економскиот оператор кој не бил директно поврзан со предметот на набавката.
Ревизијата утврдила и дека не постоела евиденција за тоа на кои лица и за кои цели им се издаваат службените картички за гориво.
Нагласување на прашања и внатрешни контроли
Во делот на нагласување на прашања, државниот ревизор ги истакнува спроведените активности за прием на кандидатите за слушатели во почетната обука за 9-тата генерација, како и начинот на кој се усвојувала листата на ментори.

Во однос на внатрешните контроли, во извештајот се нотира првично отсуство на клучни контроли во интерните процедури на Академијата, но се појаснува дека овие пропусти биле надминати во текот на самата ревизија.
Од страна на претходното одговорно лице на Академијата биле доставени забелешки на Нацрт-извештајот, кои по разгледувањето од страна на ДЗР е утврдено дека претставуваат само известувања за причините и околностите што довеле до констатираните состојби. Од ДЗР додаваат дека се дадени конкретни препораки до одговорните лица со цел подобрување на состојбите во иднина.















