Финскиот претседател предлага проширување на ЕУ на 40 земји

Макфакс

04/06/2026

10:03

902

Големина на фонт

а а а

Финскиот претседател Александар Стуб предложи проширување на Европската Унија од сегашните 27 на 40 земји, вклучувајќи и неевропски држави како Канада, а потенцијалните нови членки вклучуваат земји од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Турција.

Финскиот претседател Александар Стуб предложи Европската Унија да размисли за проширување од сегашните 27 на дури 40 земји, објави „CNBC“.

Стуб ги повика европските лидери да „размислуваат широко“ и да ја земат предвид географијата при обликувањето на иднината на Унијата.

„Треба да прошириме или барем да создадеме механизми за членство кои се доволно флексибилни за да опфатат вкупно 40 европски земји или дури и неевропски“, рече финскиот претседател.


Зборувајќи за потенцијалните нови членки, Стуб ги спомена Обединетото Кралство, Норвешка, Исланд и земјите од Западен Балкан. Поточно, тој изјави дека, по разгледувањето на евентуалниот влез на Украина, Молдавија и Грузија во ЕУ, и Турција треба да биде „сериозно разгледана“.

Според него, Канада може да се смета како една од опциите, иако не е европска земја. Таквиот став претставува многу пошироко толкување на иднината на ЕУ отколку претходниот модел на проширување, кој главно беше поврзан со земјите од европскиот континент и официјалните кандидати.
Во најновиот пакет за проширување, Европската комисија ги вклучи Црна Гора, Албанија, Украина, Молдавија, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Турција и Грузија, со оценка дека проширувањето е сè уште еден од приоритетите на Брисел.


Во исто време, резервите за понатамошно проширување растат во дел од Европската Унија, особено кога станува збор за Украина. Во Италија, партијата на вицепремиерот Матео Салвини се изјасни против евентуалното членство на Украина во ЕУ, додека во рамките на Унијата сè повеќе се поставува прашањето дали Брисел би можел да функционира со значително поголем број членови.