Вардар го поправи својот учинок на најтрофеен клуб во нашата земја и стигна до 12-та титула во Првата лига на Македонија, откако оваа сезона после долги години се врати на врвот со шампионскиот поход.
Тимот на Гоце Седлоски ја доби битката со Шкендија и се врати на врвот во македонскиот фудбал после шест години, а ова достигнување наиде на поздрав и од европските и светските инстанци.
Насер Ал Келаифи како претседател на Европскиот клупски сојуз и прв човек на ПСЖ достави официјално писмо за честитки до Вардар, додека истото го направи и Џани Инфантино како прв човек на ФИФА.
– Почитуван господине Неделковски. Во име на Европската клупска асоцијација, сакам да ви упатам честитки до вас и до сите во ФК Вардар за освојувањето титулата во ПМФЛ оваа сезона. Освојувањето на лигата по рекорден дванаесетти пат е големо достигнување и ја одразува напорната работа и посветеноста на сите во клубот. Ви посакувам сè најдобро и многу успех во следната сезона, – гласи писмото на Ал Келаифи.
– Ми претставува задоволство преку ова писмо да му честитам на новиот шампион на Македонија, ФК Вардар. Нивните постојани напори и резултати во текот на целата сезона се исплатеа, што резултираше со оваа значајна титула. Честитки до секој член на тимот и на клубот за ова големо достигнување. Воедно, ви благодарам вам и на вашата федерација за континуираната поддршка, работа и посветеност во развојот на фудбалот во вашата земја. Со нетрпение очекувам, почитуван претседателе, повторно да се видиме наскоро. Спортски поздрав, Џани Инфантино, – порача претседателот на ФИФА.







