Вучиќ не сака официјален пречек во Црна Гора; Ана Брнабиќ: Постои сериозна закана, ќе го убедам да не патува

Макфакс

04/06/2026

08:06

313

Големина на фонт

а а а

Безбедносно-информативната агенција предупредува за висок безбедносен ризик за претседателот Вучиќ при неговото патување во Црна Гора, додека Ана Брнабиќ се обидува да го убеди да го откаже патувањето поради сериозна закана.

Безбедносно-информативната агенција (БИА) издаде драматично предупредување до српскиот претседател Александар Вучиќ, советувајќи го да го откаже утрешното патување во Тиват за самитот на ЕУ, Западен Балкан. Причината, велат тие, е „постоењето висок безбедносен ризик“ бидејќи, според оперативните информации, Радоје Звицер, водачот на кавачкиот клан, е во Црна Гора.

Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, исто така, се огласи за ова прашање, велејќи за српски Информер дека лично се обидува да го убеди Вучиќ да го откаже патувањето.

„Вечерва сум со претседателот Вучиќ, на вечера со Антонио Кошта. Повеќе сум надвор од вечера отколку на вечера откако ме контактираше директорот на БИА, Владимир Орлиќ. Три пати разговарав со Орлиќ вечерва, разговарав и со Милан Кнежевиќ. Сериозно сум загрижена“, рече Брнабиќ.

„Постои сериозна безбедносна закана за животот на претседателот“, додаде таа.

Таа нагласи дека Вучиќ, и покрај сè, не сака да се откаже од посетата. „Претседателот не сака ни да чуе да не оди во Црна Гора, заради нашите луѓе во Црна Гора и европските партнери. Тој си стои на зборот и ветувањата. Мој приоритет е да го убедам претседателот Вучиќ да не патува во Црна Гора“, рече таа.

Вучиќ не сака официјален пречек во Тиват

Во меѓувреме, српскиот претседател Александар Вучиќ побара да не му се организира официјален пречек или испраќање за време на неговата посета на Тиват. Според српски „Курир“, Вучиќ ги информирал надлежните црногорски институции за својата одлука.

Иако не го објаснил дополнително своето барање, тој јасно ставил до знаење дека не сака протоколарни активности што би вклучувале присуство на највисоките државни функционери на Црна Гора. Вучиќ ќе учествува на самитот во Тиват, а на маргините на состанокот се очекуваат неколку билатерални средби.