Легендарниот возач на Формула 1 и телевизиски коментатор Дејвид Култард бил виден во раните утрински часови како се тетерави низ улиците на шпанското летувалиште Пуерто Банус, додека пријателите го придржувале.
Овој 55-годишен Шкот ја славел својата ергенска вечер пред венчавката со шведската манекенка Сигрид Силверсанд (32).

Ергенска забава во Марбеља
Култард организирал забава што траела 13 часа, а меѓу гостите биле и сопругот на Аманда Холден, Крис Хјуз (52), како и легендарниот коментатор Мартин Брандл (67). Друштвото се забавувало во Марбеља. Сè започнало во хотелот „Hard Rock“, а продолжило во елитниот „Ocean Club“. Според очевидци, друштвото за лежалка покрај базен и приватен келнер платило повеќе од 1.000 фунти.
„Дејвид беше одлично расположен, се фотографираше со обожавателите и во ниту еден момент не ја испушташе чашата од рака. Во еден момент се лизна и за малку ќе паднеше, но сето тоа му беше исклучително смешно“, открил за „Сан“ извор од самото место.

По целодневно пиење шампањ и коктели, групата накратко се вратила во хотелот, а потоа продолжила со забавата во познатиот бар „La Sala“. Додека Брандл отишол на спиење нешто по полноќ, Култард останал до самиот крај. Бил виден и како истовремено држи за раце две непознати девојки.
Наскоро пред олтар
Поранешниот возач на Мекларен тргнал кон хотелот околу еден часот по полноќ, но му била потребна помош за да оди. Неговиот пријател Крис Хјуз му се обратил на обезбедувањето, велејќи низ смеа: „Сè е во ред, јас ќе го однесам на спиење“.

Потсетуваме, Култард наскоро ќе се ожени со својата 23 години помлада свршеница Сигрид.


Венчавката ќе се одржи во Монако, додека раскошната прослава е закажана за јули во неговата родна Шкотска.

Култард се натпреварувал во Формула 1 од 1994 до 2008 година и бил вицешампион на светот во 2001 година, а во кариерата победил на 13 трки.











