[ВИДЕО] Несериозно е да се очекува дека ќе дојде висок европски политичар и ние наеднаш ќе ја промениме позицијата, вели Мицкоски за посетата на Кошта

Макфакс

02/06/2026

12:20

385

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, нема да промени ја позицијата на владата во однос на спорот со Бугарија, и дека без гаранции нема да се прифатат уставни измени. Мицкоски ја критикува опозицијата и нагласува дека за да се изгради доверба потребни се конкретни чекори од бугарската страна.

Посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, нема да му го смени мислењето на премиерот Христијан Мицкоски во однос на проблемот со Бугарија. На само неколку часа пред средбата со Кошта, Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на нов базен во Карпош, повтори дека Владата останува на ставот прво да добие гаранции дека нема да има нови условувања, па дури потоа ќе се изгласаат уставните измени за кои е извесно дека мора да се направат оти претходната Влада прифатиле.

„Без да имаме извесен крај не можеме да влеземе во таква авантура бидејќи три и пол децении граѓаните во оваа наша земја генерално беа сведоци на таков тип на политички авантури и гимнастики. И еве каде сме, на место каде што бевме пред 25 години кога го почнавме овој процес. Нефер и несериозно е да се очекува дека ние сега наеднаш, ќе дојде висок европски политичар, ние ќе ја промениме позицијата и готово, сме ја завршиле работата. Тоа нема да го направиме“, рече премиерот Мицкоски.

Овој став, премиерот Мицкоски вели дека е првото нешто од вкупно шест, што треба да ги знаат сите. Второ што треба да го знаат сите рече дека без ВМРО – ДПМНЕ нема договор со Бугарија. Ја обвини опозицијата дека со секојдневните лаги го поткопува процесот.

„И јас кога би бил од страна на бугарската Влада, кога гледам дека внатре има човек кој ги урива позициите на Владата, тогаш би си седел мирен и би се радикализирал. Зошто би барал решение? Имаме, за жал, такви аналфабети во опозицијата, национално исплакнати луѓе кои единствено нешто што сакаат да го направат е некој денар плус. Ние таква политика не водиме и немаме намера да водиме“, рече премиерот Мицкоски.

Третото нешто што според Мицкоски треба да го знаат сите е дека она што е пред нас е јасно, минатата Влада прифатила уставни измени, француски предлог, протокол 1, протокол 2 и така натаму, па фокусот треба да биде на она што го има пред себе бугарската страна.

„Ајде да видиме сега што е тоа што го има бугарската Влада пред себе. Тоа се 14 пресуди од судот за човекови права во Стразбур, Знаете, оваа работа мора да има доверба, а тоа се создава ако имате двонасочна улица. Ако е еднонасочна улицата тогаш не можете да изградите доверба. За да изградиме доверба треба да видиме испорака од таа страна“, рече премиерот Мицкоски.

Довербата , поред него, ќе ја изградат само со нови заклучоци во кои ќе стои дека нема да има więcej условувања за земјава.

„Четвртата работа која исто така е значајна е ако сите европски политичари се едногласни дека повеќе нема да има условувања, тогаш најмалку што ние можеме да добиеме како држава се нови заклучоци во кои што сето тоа ќе го ставиме. На тој начин ќе се потврди поддршката и ќе се потврди довербата. Како шеста точка еве денеска јас би пренел мое мислење дека најпрвин треба да почнеме да градиме доверба, да разговараме. Ние не разговараме“, рече премиерот Мицкоски.

Нагласи дека е подготвен да оди на разговори доколку го известат еден ден претходно за времето и местото.

„Ценам дека треба да се посветиме на испораката на реформската агенда каде што ние сме вистински фронтранери, а не останатите земји од Западниот Балкан. Јас би зборувал за овие теми, нешто што може веднаш да биде како брза испорака. Дури потоа да видиме, доколку постои простор да се изгради таа доверба, да влеземе во една следна фаза“, вели премиерот Мицкоски.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, попладнево ќе има средба и заедничка прес конференција со премиерот Христијан Мицкоски. Посетата на Кошта е дел од турнејата низ Западен Балкан пред самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват.