Археолозите во теснецот Скагерак, кај брегот на Норвешка, извадиле кинески порцелан и стока од европско производство, пронајдени во руина од брод од 18 век, соопштија норвешките официјални лица и Поморскиот музеј.
Според соопштението, меѓу предметите пронајдени во остатоците од неименуваниот едреник имало цврсто наредени бели и сини порцелански чинии, како и пехари, текстил, жито и делови од лустери, пренесе „Ројтерс“.

Бродот, за кој се верува дека потонал околу средината на 18 век, го пронашол сопственик на фирма за спасување во теснецот Скагерак кај јужна Норвешка, на длабочина од околу 600 метри, соопшти музејот.
„Ова откритие не е само извонредно, туку има и значајна научна вредност и покажува важен технолошки напредок во подводната археологија“, истакнал норвешкиот министер за клима и животна средина Андреас Бјеланд Ериксен.

Според Поморскиот музеј, потеклото на бродот засега не е познато, а истражувањата се во тек за да се соберат повеќе информации за руината од бродот, неговиот товар и пловната рута.




