Над 650 планинари учествуваа на 44. традиционално искачување на Титов Врв

Точка

01/06/2026

14:17

198

Големина на фонт

а а а

Планинарскиот клуб „Љуботен“ успешно го реализираше 44. традиционално искачување на Титов Врв, еден од најзначајните и најдолговечни планинарски настани во земјава, кој и оваа година собра повеќе од 650 планинари и љубители на планината.

На искачувањето учествуваа планинари од повеќе градови и планинарски клубови низ Македонија, како и гости од Косово и Србија.

Планинарите се движеа по обележани патеки, а за нивната безбедност и непречено движење по трасата се грижеа бројни водичи и членови на ПК „Љуботен“. Пред самата кула на Титов Врв на учесниците им беа поделени пригодни стикери како спомен од овогодинешното искачување.


Временските услови беа поволни за движење на планина. Иако на повисоките делови дуваше силен ветер, што е карактеристично за овој дел од Шар Планина, искачувањето помина без поголеми предизвици. Поради значителното присуство на снег на повеќе делови од трасата, овогодинешното искачување се вбројува во зимски услови.

По завршувањето на турата, во 16:30 часот учесниците беа пречекани во хотел „Конак“ со топол чај, музика и пријатна атмосфера, каде имаа можност да се одморат, да ги споделат впечатоците од искачувањето и да се дружат во духот на планинарската заедница.


Настанот започна на 30 мај со свечено отворање на манифестацијата на Попова Шапка. Во рамки на програмата беше организиран планински базар со рачни изработки, локални производи и сувенири, како и богата музичка и забавна програма.

Особено внимание годинава привлече детската програма, која за првпат беше организирана како посебен сегмент од настанот. Најмладите учесници имаа можност да бидат дел од лесна планинарска прошетка, едукативни и забавни активности, креативни работилници и еко-акции, преку кои се поттикнува љубовта кон природата и планинарењето уште од најрана возраст.


Со ова издание, ПК „Љуботен“ уште еднаш го потврди значењето на традиционалното искачување на Титов Врв како настан што ги обединува планинарите од земјата и регионот, промовира активен живот, почит кон природата и духот на заедништво што со децении се гради на Шар Планина.

Годинава по 20-ти пат генерален спонзор на традиционалното искачување беше ТТК Банка, додека златен спонзор беше А1 Македонија и санитетски покровител Medica Centre/ ПЗУ Магмед Тетово.


Планинарскиот клуб „Љуботен“ упатува искрена благодарност до сите учесници, волонтери, планинарски друштва, поддржувачи, институции и пријатели на настанот кои придонесоа за успешна реализација на 44. традиционално искачување на Титов Врв.