Новиот систем на паркирање во Општина Центар ги охрабрува жителите да ги користат своите гаражи за паркирање, со цел да се намали притисокот врз јавните паркинг места, каде што ПОЦ управува со 6.100 места и издава над 16.000 повластени паркинг карти. Системот ќе воведе правила за пофер и поорганизиран начин на користење на јавниот простор.
Новиот систем за паркирање во Центар треба да ги поттикне жителите своите гаражи да ги користат за паркирање, а не за бизнис, велат од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.
Од таму истакнуваат дека недостигот на паркинг места во Општина Центар со години е еден од најголемите проблеми со кои секојдневно се соочуваат жителите.
„ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ управува со околу 6.100 паркинг места, а истовремено се издадени над 16.000 повластени паркинг карти. Ова произлегува од досегашниот модел, во кој секој жител што ги исполнува условите има можност да склучи договор за повластено паркирање. А со оглед на тоа што услугата беше бесплатна за сите жители со лична карта во Центар, интересот за користење на повластените услови беше огромен, додека бројот на јавни паркинг места останува ограничен. Токму ваквиот сооднос јасно го покажува притисокот врз јавниот простор во Центар и потребата од воведување пофер, поорганизиран и поодржлив систем на користење на паркингот“, велат од ПОЦ.
Но, додаваат од таму, проблемот не е само во бројот на возила и ограничениот јавен простор, туку и во начинот на кој се користат постојните приватни капацитети. Во пракса, дел од приватните гаражи и паркинг-простори во централното градско подрачје не се користат за паркирање, туку за други намени – како магацински простори, работилници, деловни простории или простори за издавање.
Во густо населените делови на Центар, како Капиштец, Дебар Маало, Буњаковец и потесното централно подрачје, голем број станбени единици, објекти и индивидуални куќи располагаат со приватни гаражи или гаражни места. Но, наместо во нив да бидат безбедно паркирани нивните автомобили, велат од ПОЦ, честопати овие простори не се користат за нивната основна намена, додека возилата се паркираат на јавните паркиралишта и улиците.
„Многу жители ги имаат пренаменето своите гаражи во магацини за приватни бизниси, ги претвориле во деловни објекти, или пак, водени од личен профит, ги издаваат по високи комерцијални цени на пазарот, бидејќи вредноста на гаражниот простор во Центар вртоглаво расте. Па така, сопствениците кои имаат каде да го паркираат своето возило во сопствениот имот, избираат да го заземат резидентното место на улица. На тој начин, се создава дополнителен притисок врз јавните паркиралишта и се намалуваат можностите за паркирање на оние сограѓани кои реално немаат друга опција и навистина зависат од отворените паркинг сектори“, велат од ПОЦ.
„Јавниот паркинг-простор во Центар е ограничен ресурс. Не е фер ниту одржливо јавниот простор да биде трајно окупиран, додека приватните гаражи стојат празни или се користат за други намени. Наш приоритет е жителите навистина да можат да најдат паркинг во близина на своите домови“, посочуваат од ПОЦ.
Токму затоа, велат од таму, новиот систем на паркирање предвидува промени во начинот на издавање на повластените паркинг карти.
Наместо како досега – по жител, повластените карти отсега ќе се издаваат по станбена единица, односно по адреса. Првото возило ќе остане бесплатно, додека за второто и третото возило ќе се плаќа надоместок.
Од ПОЦ појаснуваат дека велта не е казнување на граѓаните, туку воведување баланс и поправедна распределба на јавниот простор.
„Проблемот со паркирањето одамна не е само комунално прашање, туку и прашање на урбана култура, одговорност и начин на користење на јавниот простор. Кога приватниот простор не се користи за својата основна намена, целиот товар паѓа врз улиците и јавните паркиралишта. Тоа создава дополнителен метеж и незадоволство кај граѓаните. Затоа ни се потребни јасни правила и фер систем кој ќе обезбеди поодговорно користење на просторот“, велат од претпријатието.
Од ЈП ПОЦ нагласуваат дека со ваквиот модел се поттикнува порационално користење на возилата, поголема употреба на постојните приватни гаражи и подобра заштита на јавниот паркинг-простор за оние жители на кои тој им е навистина неопходен.















