Левица ја критикува власта за недостаток на конкретни мерки за намалување на цената на струјата и го објаснува проблемот како системски, повикувајќи на реорганизација на енергетскиот сектор и транспарентност во работата на компаниите.
„Во 2020 година ВМРО-ДПМНЕ организираше протести против поскапување од 7,4%. Тогаш народот беше ограбен, Регулаторна беше виновна, власта беше неспособна, Беслимовски земаше 120.000 ден плата, а секој денар плус на сметката беше доказ дека системот работи против граѓаните. Една година подоцна, Мицкоски уште погласно ветуваше како „еминентен“ енергетичар ќе обезбеди поевтина струја, модернизација на РЕК Битола и Осломеј, ќе се продолжел нивниот работен век, стабилно производство и пониски сметки“, велат од партијата Левица.
„Потоа дојдоа на власт. И што добивме? Добивме нови најави. Нови модели. Нови „можни поевтинувања“. Нови прес-конференции. Нови празни ветувања што звучат како нешто да се случува, а на крај сметката пак ја плаќа народот.
Во јуни 2024, како мандатар, Мицкоски ветуваше дека од јануари 2025 ќе се намали цената на струјата за домаќинствата и индустријата. Денес сме далеку од тоа ветување. Наместо поевтина струја, граѓаните гледаат ист систем, исти монополи, иста Регулаторна логика и префрлање на товарот од лошите политики врз домаќинствата.
Левица одамна предупредува дека проблемот не е само во една одлука, туку во целиот модел. Енергетиката е поставена така што приватниот снабдувач има сигурна маржа, Регулаторна ги „аминува“ трошоците, ЕЛЕМ се турка во долгови, а народот добива сметка како казна што живее во сопствена држава. Затоа, наместо евтин ПР потребни се политички одлуки и конкретни мерки:
1. ЕЛЕМ Продажба да стане постојан законски универзален снабдувач;
2. Реорганизација на ЕЛЕМ и поставување стручни луѓе, не партиски курири;
3. Оптимизација на производниот микс;
4. Повеќетарифен систем со зимски и летен режим, повеќе часовни блокови и сончева тарифа. Цената мора да ја следи реалната побарувачка и реалното производство, а не да биде слепа пресметка на штета на граѓаните;
5. Гасификација на ТЕЦ Неготино. Наместо да стои како скап споменик на неодговорноста, треба да стане флексибилен капацитет за стабилизација на системот и
6. Јавна објава на сите признати трошоци на ЕЛЕМ, ЕВН и РКЕ, народот има право да знае за што плаќа.
Секое одолговлекување на преземање конкретни мерки, ја продолжува голготата на граѓаните со секоја наредна сметка за струја“, соопшти Левица.











