Луис Енрике ја освои третата титула во Лигата на шампиони во својата тренерска кариера, втора во низа како предводник на силниот тим на ПСЖ.
Лучо создаде неверојатна тимска хемија во Париз и успеа да го надогради тоа што го постави пред една година, па после историската прва титула во историјата на клубот, вечерва пристигна и втората.
ПСЖ го победи Арсенал во пенал рулетот и излезе како поуспешен во Будимепшта, а пред да замине на прес-конференција, Лучо даде изјави за телевизиите кои имаа право да го следат финалето во живот.
– Беше многу тешко да се игра против компетитивен тим како Арсенал. Почнаа подобро од нас, имаа и малку среќа, а знаеме колку е важно први да постигнете гол во едно финале. На полувреме се обидовме да измениме неколку работи, но фрустрирачки е да се игра против вака добро организирани екипи. Двата тима заслужија да победат, но тоа што го направивме како тим во текот на сезоната, мислам дека сега добива заслужена награда, – изјави Луис Енрике и додаде.
– Досега беше само Реал Мадрид, а сега и ПСЖ! Првата титула беше историја, а оваа втората ќе биде уште поисториска за нас. Влеговме меѓу елитните екипи кои ќе се паметат во ова натпреварување, – нагласи Луис Енрике, јасно алудирајќи на фактот кој вели дека ПСЖ е само вториот тим кој ја одбранил титулата откако најелитното натпреварување беше преименувано во Лига на шампиони (1992-ра година).
За крај, тренерот на ПСЖ доби прашање и за стилот на игра на Арсенал и неговиот тренер Микел Артета
– Имам огромна почит кон Артета и Арсенал. Секој се води по тоа што го смислил и игра фудбал како што знае. Секој стил е за почит и секој се обидува да победи на различен начин, – изјави Лучо.







