Во период кога образовните институции најчесто се во фокусот поради различни проблеми и предизвици, едно видео од ООУ „Његош“ во Јурумлери – општина Гази Баба, успеа да ги освои социјалните мрежи со својата топла и емотивна порака.
Станува збор за снимка со наслов „Кругот на животот“, во која учениците што оваа година го завршуваат основното образование и прославуваат полуматура симболично ги пречекуваат идните првачиња кои наскоро првпат ќе седнат во училишните клупи.
Видеото прикажува посебен момент на генерациска смена – едни ученици го затвораат поглавјето наречено основно образование и продолжуваат кон средно училиште, додека други го започнуваат своето прво училишно патување.
Објавата наиде на бројни позитивни реакции од родители, наставници и граѓани, кои во коментарите посочуваат дека училиштето не е само место за учење и оценки, туку простор каде се создаваат пријателства, спомени и животни приказни.
„Браво, одлична идеја“, „Поубаво нешто не сум видела досега“, „Преубава глетка, секоја чест на организаторот“, „Не плачам јас, ти плачеш“, се дел од коментарите под објавеното видео.
Симболичниот поздрав меѓу првачињата и полуматурантите во училишниот двор кај многумина разбуди силни емоции и носталгија за училишните денови.
Голем дел од коментарите истакнуваат дека токму ваквите искрени и едноставни моменти ја покажуваат вистинската вредност на детството и образованието.








