Делегација на Демократската унија за интеграција предводена од Али Ахмети се состана со претседателот на Поткомитетот за Европа во американскиот Конгрес за да разговараат за важноста на зачувувањето на Охридскиот договор и загриженостите околу неговата ерозија во институциите.
Делегација на Демократската унија за интеграција, предводена од претседателот Али Ахмети, вчера оствари средба со Конгресменот Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа во Конгресот на Соединетите Американски Држави.
На средбата се разговараше за политичките случувања во Северна Македонија, значењето од зачувувањето на Охридскиот мировен договор, како и за сериозните загрижености околу неговата ерозија во државните институции.
Соговорниците истакнаа дека Охридскиот договор останува темел на мирот, соживотот и мултиетничката демократија во земјата, но и една од најзначајните стратешки инвестиции на Соединетите Американски Држави во регионот.
Претседателот Ахмети изрази благодарност за улогата и континуираната посветеност на САД во поддршката на стабилноста, безбедноста и евро-атлантската ориентација на Северна Македонија и Западен Балкан.
На средбата беше нагласена и потребата од заштита на демократските стандарди, почитување на Охридскиот договор и зачувување на мултиетничкиот карактер на државата, како предуслов за долгорочна стабилност и европска интеграција.







