[ВИДЕО/ФОТО] Ова е тајното оружје на Хитлер кое требало да го смени текот на Втората светска војна: Неговиот футуристички изглед и денес е предмет на фасцинација

Точка

27/05/2026

15:48

1.781

Големина на фонт

а а а

Во последните години од Втората светска војна, додека Третиот рајх се распаѓал, германските инженери во очајнички обид да го свртат текот на конфликтот работеле на оружја што изгледале како да се дел од научна фантастика.

Еден од најмистериозните и технолошки најнапредни проекти од тој период бил „Horten Ho 229“ – млазен авион без класичен труп и опашка, со футуристички дизајн што и денес привлекува внимание.

Нов тип ловец

Необичниот изглед на авионот, кој потсетувал на вселенско летало, со децении поттикнувал разни теории и го создал митот за „тајното оружје“ на Адолф Хитлер.

Идејата за „Horten Ho 229“ произлегла од военото искуство. Имено, за време на Битката за Британија во 1940 година, Валтер Хортен, пилот и технички офицер во ловечката ескадрила на „Luftwaffe“, од прва рака сведочел за недостатоците на тогаш најнапредниот германски ловец, „Messerschmitt Bf 109“.


Неговиот ограничен дострел значел дека пилотите имале само неколку минути за борба над Англија, пред да мораат да се вратат, а еден погодок во системот за ладење на моторот бил доволен авионот да биде изгубен.

Валтер тогаш сфатил дека на Германија ѝ е потребен сосема нов тип ловец – побрз од британскиот модел „Spitfire“, со два мотора за поголема сигурност и доволен дострел за долготрајни мисии.

Невозможното барање на Геринг

Неговиот брат Рејмар бил совршен партнер за таков потфат. Самоук дизајнер и аеродинамичар, Рејмар од 1933 година експериментирал со летала без труп и опашка.

Верувал дека таквата конфигурација овозможува најмал можен аеродинамички отпор, што е клучно за постигнување голема брзина и дострел. Кога положбата на Валтер во „Luftwaffe“ им овозможила пристап до тајни информации за развојот на нови млазни мотори, браќата сфатиле дека имаат добитна комбинација.

Можноста да ја остварат својата визија се појавила во 1943 година, кога командантот на „Luftwaffe“, Херман Геринг, издал речиси невозможно барање.

Тој барал бомбардер што може да носи 1.000 килограми бомби на далечина од 1.000 километри, и тоа со брзина од 1.000 км/ч.


Изработиле три прототипи

Во тоа време, ниту еден конвенционален авион не можел ни да се приближи до наведените перформанси. Млазните мотори ја нуделе потребната брзина, но трошеле огромни количества гориво, што драстично го намалувало нивниот дострел.

Браќата Хортен тврделе дека единствено нивното осмислено дело, благодарение на исклучителната аеродинамичка ефикасност, може да ги исполни сите три барања.

Геринг бил импресиониран и им доделил средства за изработка на три прототипи.

Првиот прототип, „Ho 229 V1“, бил едрилица без мотор која успешно полетала во март 1944 година и ја потврдила исправноста на дизајнот.

Вториот, „V2“, бил опремен со два млазни мотори „Junkers Jumo 004“. Во декември 1944 година конечно полетал и за време на тестирањата покажал извонредни карактеристики. Наводно, во симулирана воздушна борба го надминал и „Messerschmitt Me 262“, првиот оперативен млазен ловец.

„Напредни својства“

Меѓутоа, на 18 февруари 1945 година, за време на третиот пробен лет, се случила трагедија. Еден од моторите се запалил, а тест-пилотот загинал. И покрај несреќата, проектот не бил запрен, а производството било предадено на фабриката „Gothaer Waggonfabrik“.

Мазната силуета на „Ho 229“, без опашни површини, неизбежно довела до тврдења за неговите „напредни својства“. Рејмар Хортен во осумдесеттите години зборувал дека имал намера да меша јагленова прашина со лепилото што ги спојувало дрвените панели на крилјата, со цел авионот да биде „невидлив“ за британските радари.

Тоа тврдење станало централниот дел од митот за моделот „Horten Ho 229“.

Сепак, модерната наука понудила поинаков одговор. Кога американските сили во април 1945 година ја зазеле фабриката, го пронашле третиот, речиси довршен прототип „V3“, кој денес се чува во Националниот воздухопловен и вселенски музеј „Smithsonian“.

Само среќни околности

Деталната анализа на неговите делови, што ја спровеле конзерваторите на музејот, не пронашла траги од јагленова прашина. Во лепилото биле пронајдени само ситни честички од оксидирано дрво, веројатно нуспроизвод од производствениот процес.

Понатаму, инженерите на компанијата „Northrop Grumman“ во 2008 година изработиле реплика во природна големина и го тестирале нејзиниот радарски одраз. Резултатите покажале дека радарскиот пресек на „Ho 229“ бил помал од оној кај „Bf 109“, но не доволно за да се смета за вистински „невидлив“ според современите стандарди.


Експертите денес веруваат дека намалените радарски карактеристики на „Ho 229“ биле среќна, но ненамерна последица на дизајнот насочен исклучиво кон аеродинамичноста.

Фотографиите од сочуваниот прототип можете да ги погледнете ОВДЕ.