Пеп Лијндерс пристигна во Манчестер Сити минатото лето, но после само една година на „Итихад“, холандскиот стручњак е приморан да ги пакува куферите и да си бара нова работа.
Лијндерс пристигна во Сити по барање на Пеп Гвардиола и тој му беше прв асистент оваа сезона, но по заминувањето на Пеп, беше јасно дека завршува етапата и за Холанѓанецот.
Во разговор за домашните медиуми, Лијндерс откри како минале изминатите 10 месеци работа со еден од најдобрите тренери во историјата на фудбалот, но ја посочи и особината која му е заедничка со Јирген Клоп, човек со кого долго време соработуваше во Ливерпул.
– Кога Пеп ми се јави минатата година, од самиот старт беше отворен со мене. Ми порача дека сака да изгради нов Сити, имаше добиено благослов од Клоп за да ме ангажира, но ми напомена дека не станува збор за долгорочен проект. Ми порача дека има уште две години од договорот и ме праша дали имам проблем со тоа.
– Јас немав никаков проблем, тој бараше свежи идеи, да наметнам агресивен стил на работа и да внесам некои иновации на тренинзите. Морам да кажам дека периодот минат со него беше навистина интензивен.
– Работевме секој ден од утро до мрак. На подготовките за натпревар пристапува какко хирург за срце. Неверојатно е педантен, со пинцета ги проверува најситните детали. И што е најважно, исто како и Клоп, тој ги сака своите фудбалери. Тоа е особината која им е заедничка. Токму таа љубов прави разлика меѓу врвните тренери и сите останати, – вели Лијндерс.







