[ВИДЕО] Американка посетила балканска земја, па се разочарала: „Не е како на социјалните мрежи“

Точка

23/05/2026

17:20

962

Големина на фонт

а а а

Американската инфлуенсерка Брук поминала неколку недели во Драч, Албанија, но нејзиното искуство не било ни близу до она што го очекувала според објавите на социјалните мрежи.

Албанија во последните години често се претставува како поволен луксузен рај на Балканот, па многумина ја нарекуваат и „европски Малдиви“. Но Брук, која на ТикТок објавува под името „@silly.goose962“, без разубавување го опишала својот престој и со тоа поттикнала расправа.

Не е луксузниот рај од социјалните мрежи

Брук во своето вирално видео, кое брзо собра илјадници прегледи, истакнала дека нејзиното искуство значително отстапува од официјалните туристички препораки. „Албанија не е она што социјалните мрежи сакаат да го видите. Особено за жените“, рекла на почетокот.


„Би сакала да истакнам дека Албанија е земја во развој, за што, секако, не се виновни нејзините жители. Меѓутоа, на социјалните мрежи се прикажува како луксузен рај, што едноставно не е точно“, ја започнала Брук својата приказна.

Според нејзините зборови, доволни се само неколку минути пешачење од главното, уредено шеталиште за да се види сосема поинаква реалност – ѓубре насекаде, лоша инфраструктура и длабоко традиционална општествена динамика која на странците може да им биде необична, па дури и непријатна.

Општествен и економски парадокс

За младата Американка најголем шок бил, како што објаснила, економскиот и општествениот парадокс што го забележала на улиците.


„Гугл ми откри дека Албанија е многу традиционална и старомодна. Поради тоа, жените главно се дома, готват, чистат и се грижат за децата, додека мажите масовно излегуваат. Но, она што ме шокираше и ми изгледа застрашувачки е тоа што тие мажи по цел ден седат, пијат кафе, играат карти и не прават апсолутно ништо, а истовремено сите возат скапи мерцедеси. Тука очигледно нешто сериозно не е во ред, ако ме разбирате“, раскажала тиктокерката.

Непријатно искуство на улица

Освен културолошкиот шок, Брук со своите следбеници споделила и непријатно искуство кое, како што тврди, го доживеала како жена која патува сама. Поради тоа, почнала да го преиспитува впечатокот за Албанија како целосно безбедна дестинација.


„Одев кон станот, околу една недела по пристигнувањето во Драч, кога зад себе слушнав маж како ме прашува: ’Од каде си?‘. Го игнорирав бидејќи имав слушалки и не сакав да разговарам. Продолжив да одам побрзо, но по две улици повторно го слушнав истото прашање, веднаш зад мене. Се свртев и сфатив дека човекот буквално ме следи“, раскажала Американката.

Кога во паника му рекла дека е Американка, мажот не се повлекол, туку продолжил да оди покрај неа и упорно ја наговарал да одат на кафе. „Во тој момент бев на пет минути од станот и бев преплашена. Не знаев што да направам бидејќи непознат маж ме следеше во чекор и не сакаше да си замине“, ја опишала вознемирувачката ситуација која, за среќа, завршила без инцидент, но, како што рекла ѝ ги отворила очите.


Поделени реакции на социјалните мрежи

Нејзината објава веднаш предизвика поделби меѓу корисниците на социјалните мрежи и предизвика расправи. Додека едни изразија загриженост, други застанаа во одбрана на албанскиот туризам.

„Патувам таму ова лето и по ова видео, искрено, сум исплашена“, напишала една корисничка, додека друга додала: „Ти благодарам за искреноста, ми се гади од инфлуенсери кои од секоја сиромашна земја со парче море прават лажен Дубаи“.


Од друга страна, коментирале и бројни туристи со позитивни искуства. „Ова ми е третпат во Албанија. Земјата е прекрасна, мажите се многу пристојни, храната е фантастична и се чувствувам побезбедно отколку во повеќето западноевропски метрополи. Ја обожавам Албанија и веднаш би се преселила таму“, гласи еден од спротивните коментари на тврдењата на инфлуенсерката.