Рубио: Мировните преговори за Украина се во застој

Макфакс

22/05/2026

17:30

156

Големина на фонт

а а а

Марко Рубио, американскиот државен секретар, изјави дека мировните преговори за Украина моментално се во застој, но САД остануваат подготвени да помогнат во продолжување на дијалогот доколку се создадат услови за тоа. Тој истакна дека воена победа не е веројатна и дека дипломатијата е единствениот пат за решение.

Американскиот државен секретар и шеф на дипломатијата, Марко Рубио, изјави дека мировните преговори со цел завршување на војната во Украина во моментов не се во тек, иако Вашингтон и понатаму е подготвен да помогне во олеснувањето на разговорите доколку условите се променат.

Во разговор со новинарите на маргините на самитот на министри за надворешни работи на НАТО во Шведска, Рубио рече дека САД директно се вклучиле во дипломатските напори бидејки и Москва и Киев го сметале Вашингтон за „единствен“ посредник.

„Се вклучивме, во ред? Бидејќи ни беше кажано дека сме единствените кои можат да го направат тоа. Бевме единствените со кои Русите и Украинците би разговарале. Затоа се вклучивме. За жал, тие не беа плодотворни. Подготвени сме да продолжиме да ја играме таа улога“, рече Рубио.

Тој нагласи дека, иако преговорите се во застој, администрацијата на Трамп останува отворена за продолжување на својата посредничка улога доколку се укаже можност за значаен напредок.

„Во моментов нема такви разговори, но се надеваме дека тоа ќе се промени, бидејќи оваа војна може да заврши само со договорено решение“, рече тој.

Тој тврди дека ниту Русија ниту Украина веројатно нема да постигнат одлучувачка воена победа според конвенционалните дефиниции за војување, што ја прави дипломатијата единствениот реален пат за завршување на конфликтот.

„Нема да заврши со воена победа ниту за едната ниту за другата страна, барем не според традиционалната дефиниција за воена победа“, рече Рубио. „Значи, тие ќе мора да водат разговори, а ако ние можеме да играме улога во тоа, претседателот (Доналд Трамп) е многу заинтересиран за тоа.“

Тој изјави дека американската поддршка за Украина останува непроменета. Истовремено, Рубио сигнализираше фрустрација од претходните дипломатски напори кои не успеаја да дадат опипливи резултати, велејќи дека администрацијата ќе избегнува учество во преговори кои се сведуваат само на симболични состаноци.

„Немаше многу напредок, но можеби динамиката ќе се промени“, рече Рубио. „Подготвени сме да играме каква било конструктивна улога што можеме.“

„Повеќе од среќни сме што ќе го сториме тоа доколку се укаже можност за конструктивни и продуктивни дискусии“, додаде тој. „Исто така, не сме заинтересирани за бесконечен циклус на состаноци кои не водат никаде.“