[ВИДЕО/ФОТО] По 11 години емитување згасна емисијата на Стивен Колбер, Трамп: „Секој од улица би бил подобар од тој идиот, фала Богу што си замина“

Точка

22/05/2026

18:40

318

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп се огласи по повод емитувањето на последната епизода од емисијата „The Late Show with Stephen Colbert“, наведувајќи дека нејзиниот долгогодишен водител Стивен Колбер бил „како мртовец“.

Последната епизода на емисијата беше емитувана синоќа. Телевизиската куќа „CBS“ ја донесе одлуката за укинување на емисијата уште минатото лето, во момент кога „Paramount Global“, тогашен сопственик на „CBS“, од администрацијата на Трамп бараше одобрување за спојување вредно осум милијарди долари со „Skydance Media“.

Доналд Трамп, кого Стивен Колбер често го критикуваше во својата емисија, на социјалната мрежа „Truth Social“ напиша: „Колбер конечно е готов на CBS. Неверојатно е што толку долго издржа. Без талент, без гледаност, без живот“.


„Беше како мртовец. Можеа да земат било кого од улица и ќе беше подобар од тој тотален идиот. Фала му на Бога што конечно си замина“, додаде тој.

Не е првпат Трамп да напаѓа водители на ток-шоу емисии. Претходно побарал отказ за Џими Кимел откако тој се пошегува на сметка на првата дама.

Бројни познати гости

Последната епизода на емисијата на Стивен Колбер, која се емитуваше 11 сезони, собра бројни познати гости, како Пол Макартни, Брајан Кренстон, Пол Рад и Тим Медоуз. „Ако штотуку се вклучивте во „The Late Show“, многу сте пропуштиле“, им рече Стивен Колбер на публиката, потсетувајќи дека ова е последно емитување од театарот Ед Саливан во Њујорк.

По негодувањето на публиката, тој одговори: „Не, не, имавме среќа што бевме тука последните 11 години... тоа не смее да се зема здраво за готово“.

Колбер ја истакна „радоста“ што тој и неговиот тим ја чувствувале во создавањето на повеќе од 1800 епизоди од емисијата. „Енергијата што ни ја дадовте ни беше навистина потребна за да направиме најдобра можна емисија за вас. Вие ни ја дадовте, а ние ви ја вративме“, наведе тој.

Колбер се пошегува дека негов последен гостин е папата Лав XIV, прв папа роден во САД, но рече дека папата не сакал да излезе од гардероба бидејќи не му биле обезбедени соодветни грицки.

Колбер ќе биде косценарист на нов филм

Пол Макартни потоа се понудил како замена и излегол на сцената пред воодушевената публика. „Мислам дека вие би биле совршен последен гостин“, изјави Колбер, на што Пол Макартни одговори дека „случајно бил во близина поради своите обврски“.

Подоцна, на Стивен Колбер му се придружија Елвис Костело, поранешниот фронтмен на бендот Џон Батист и сегашниот лидер на бендот Луис Като во опуштена изведба на песната на Костело, „Jump Up“. Сите потоа му се придружија на бендот и на Пол Макартни за последната песна на вечерта, изведба на песната „Hello, Goodbye“.

Стивен Колбер во март објави дека по завршувањето на неговото ток-шоу ќе учествува како косценарист на нов филм од серијалот „The Lord of the Rings“ со наслов „Shadow of the Past“.