Науката се осврнува кон природата: Мала жолта битка би можела да помогне во борбата против „супербактериите“

Точка

20/05/2026

20:04

373

Големина на фонт

а а а

Многу пред откривањето на антибиотиците, луѓето се потпирале на природата кога станувало збор за лекување рани, инфекции и разни заболувања. Растенијата биле првите „лекови“, а едно од нив е и исправениот петопрст (Potentilla erecta), жолто растение кое со векови има важно место во народната медицина ширум Европа, пишува „Е-клиника“.

Иако изгледа незабележително, современата наука денес почнува да потврдува дека ова растение навистина крие моќни лековити својства.

Коренот од исправениот петопрст традиционално се користел за лекување рани, воспалено грло, проблеми со варењето и заболувања на непцата. Токму неговата широка примена ги навела научниците подетално да ги истражат неговите состојки и можните антибактериски својства.

Во време кога отпорноста на бактериите на антибиотици претставува еден од најголемите глобални здравствени проблеми, ваквите истражувања добиваат сè поголемо значење. Инфекции кои порано лесно се лекувале, денес стануваат сè поопасни, па научниците интензивно трагаат по нови решенија, а природата повторно се наметнува како важен извор.


Во едно истражување биле анализирани екстракти од повеќе од 70 растенија, а исправениот петопрст се издвоил како едно од најперспективните. Истражувачите откриле дека растението може да го забави растот на бактериите, но и да го спречи создавањето биофилм – заштитен слој што бактериите го користат за да се одбранат од лекови и од имунолошкиот систем.

Научниците утврдиле дека исправениот петопрст содржи природни соединенија како елагична киселина и агримонин, кои имаат антиоксидативни, противвоспалителни и антибактериски својства. Интересно е што овие супстанции не ги уништуваат бактериите директно, туку им го „одземаат“ железото што им е неопходно за раст и размножување. Без него, бактериите ослабуваат и не можат нормално да се развиваат.

Дополнително, истражувањата покажуваат дека екстрактот од исправениот петопрст може да го засили дејството на одредени антибиотици, дури и кога тие се користат во помали дози. Тоа отвора можност во иднина да се развијат поефикасни и побезбедни терапии за пациентите.


Во народната медицина, исправениот петопрст најчесто се користи во форма на чај од сушен корен. Една лажичка сушен корен се вари околу десет минути во шолја вода, а напитокот традиционално се користел за смирување воспаленија во устата и грлото, како и за дигестивни тегоби.

Сепак, експертите нагласуваат дека современата наука сè уште го испитува целосниот потенцијал на ова растение.