Ексклузивниот воз „Golden Eagle Luxury Trains“ на рутата од Венеција до Истанбул помина низ Сараево и Мостар, нудејќи им на патниците апартмани, ресторани и доживување на златното доба на железничките патувања.
Луксузниот воз со приватни апартмани, ресторани и барови, кој потсетува на легендарниот „Orient Express“ и златното доба на европските патувања со железница, деновиве помина низ Сараево како дел од ексклузивната рута „Balkan Explorer“, една од најскапите и најлуксузните железнички тури во Европа, пренесува „Anadolu Agency“.
Станува збор за 12-дневно патување од Венеција до Истанбул, за време на кое патниците минуваат низ седум држави и посетуваат некои од најпознатите градови во Југоисточна Европа.
Возот на компанијата „Golden Eagle Luxury Trains“ низ Босна и Херцеговина поминува со запирања во Сараево и Мостар, додека во другите градови во регионот патниците кратко се задржуваат за да ги разгледаат знаменитостите. Компанијата организира луксузни железнички патувања низ Европа и Азија, а концептот на патувањето се заснова на спој од носталгија, комфор и ексклузивен туризам.
„Крузер на шини“
Кабините се уредени на ниво на хотели со пет ѕвезди, како хотелски соби или апартмани. Имаат сопствени бањи, тушеви, панорамски прозорци, интернет и простор за одмор. Ресторанските вагони нудат оброци подготвени на ниво на ресторани од висока категорија.
Возот во Сараево бил стациониран неколку часа, додека патниците го разгледувале градот. Во возот има околу 40 вработени, меѓу кои е и Стефан Јовиќ од Србија, кој веќе пет години работи на луксузни железнички тури низ Европа.
„Ова е како крузер, само не на вода, туку на шини“, изјави Стефан Јовиќ. Тој наведува дека патниците за време на турата не доаѓаат само поради луксузот, туку и поради искуството од панорамското патување низ Балканот и Европа.

„Тргнавме од Венеција, преку Трст и Словенија, потоа низ Хрватска, Сараево и Мостар, па понатаму кон Белград, Софија и Истанбул“, рече тој.
Тој наведува дека гостите главно се Американци, на кои ваквиот начин на патување им е особено привлечен.
„Американците се воодушевени од овој воз бидејќи кај нив нема вакви железнички патувања. Главно користат авиони“, вели Јовиќ. Секој детал во возот ја доловува атмосферата на минатите времиња. Потсетува на патувањата од шеесеттите и седумдесеттите години, но сè е ново. Сè зрачи со носталгија и луксуз. Во возот сè е луксузно, треба да зрачи со луксуз, но од минатите времиња. Ова е како „Orient Express“.

Сенка Рачиќ од Јавното претпријатие Железници на Федерацијата Босна и Херцеговина изјави дека доаѓањето на овој воз претставува значајно признание за Сараево и Босна и Херцеговина.
„Овој луксузен воз потсетува на хотели на тркала и нè враќа во времето на златното доба на патувањата со железница“, додаде таа.
Возот има осум вагони за спиење со вкупно 32 кабини, два ресторан-вагони и бар-вагон. Рутите се планираат однапред и се одвиваат надвор од редовниот железнички сообраќај. Капацитетот на возот е до 80 патници, а цените ја потврдуваат ексклузивноста на ова искуство. Најевтината делукс кабина за две лица чини околу 20.100 евра, додека полуксузните апартмани достигнуваат и значително повисоки цени.










Фото: Anadolu Agency














