Левица: Додека ДПМНЕ пропагира многудетни семејства, секое трето дете живее во сиромаштија

Макфакс

19/05/2026

11:00

102

Големина на фонт

а а а

Партијата Левица критикува дека додека државата и партиите на власт промовираат многудетни семејства, секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија, а системот не обезбедува доволна поддршка преку социјалните мерки и детски додатоци.

Додека партиите на власт пропагираат многудетни семејства и апели за зголемување на наталитетот, фактите укажуваат дека државата воопшто или многу малку се грижи за детскиот стандард. Фрапантни се податоците кои укажуваат на фактот дека секое трето дете во Македонија е сиромашно. Најсклони кон сиромаштија се повеќедетните семејства, децата на самохрани родители, децата со социјален ризик, велат од Левица.

Од партијата наведуваат дека иако во државата се предвидени неколку социјални мерки во форма на детски додаток, надоместок за трето дете, стипендии и сл. очигледно е дека истите не го даваат потребниот резултат.

„Тоа е затоа што износите на овие надоместоци од една страна се многи ниски и не се зголемени со години, а од друга страна критериумите за добивање се многу ригорозни, па неретко деца од социјален ризик се одбивани, само затоа што еден од родителите имал нива или возило“, велат од Левица.

Додаваат дека со енормното зголемување на цените на основните прехрамбени продукти, детскиот додаток кој изнесува од 1.800 до 3.000 денари, не може вистински да ги задоволи потребите на децата.

„Со суми што не покриваат ни основни месечни потреби, државата практично им порачува на овие деца дека нивниот живот вреди помалку од оној на останатите деца. Лицемерно е што институциите се појавуваат со камери и празни ветувања за „грижа за децата“, додека во реалноста дозволуваат илјадници деца да растат во сиромаштија, глад и без никаква перспектива. Детскиот додаток и социјалната помош денес повеќе личат на симболична трошка фрлена за да се замолчи народот, отколку на вистинска заштита на најранливите. Уште пострашно е што системот често ги третира сиромашните родители како измамници, а не како луѓе на кои им е потребна помош. Наместо поддршка добиваат понижување, чекање по шалтери и бескрајни проверки, додека децата плаќаат цена за туѓата неспособност и негрижа“, се наведува во соопштението.