Група од 26 научници и медицински експерти од 16 европски земји испратија отворено писмо до европските институции, вклучувајќи ги и Европската комисија (ЕК) и Европскиот парламент (ЕП), изразувајќи сериозна загриженост за насоката во која се развива политиката за регулирање на тутунските и никотинските производи во рамки на Европската Унија. Ова писмо тие го поткрепија со материјал што вклучува 130 научни студии.
Причина за нивната реакција е најновиот извештај на Европската комисија, за кој потписниците на писмото тврдат дека игнорира обемни научни докази кои покажуваат дека производите со никотин без чад се помалку штетни од традиционалните цигари. Како што наведуваат во писмото, клучниот проблем лежи во пристапот што целосно ги изедначува производите со никотин без чад со цигарите, односно дека тие имаат ист ризик за јавното здравје, иако ова тврдење не е поткрепено со научни докази.
Експертите ја истакнуваат и пошироката стратешка цел на ЕУ, создавање генерација без тутун до 2040 година, предупредувајќи дека погрешниот регулаторен пристап кон ова прашање може да има спротивен ефект. Притоа, тие нагласуваат дека ниту еден сериозен научник не тврди дека уредите за загревање тутун, никотинските ќесички и електронските цигари се безопасни.
- Овие производи не се без ризик и не треба да ги користат малолетници. Но, исто така е погрешно да се имплицира дека се подеднакво опасни како пушењето и така да се регулираат со закон. Доколку Брисел донесе регулативи врз основа на претпоставката дека сите производи што содржат никотин се во суштина исти, постои ризик да се поттикне пушењето, наместо да се намали - оценуваат авторите.

Главниот аргумент во писмото е разликата помеѓу никотинот и горењето тутун. Како што истакнуваат авторите, цигарите се штетни токму поради процесот на согорување на тутунот, кој притоа произведува токсични супстанции кои се причина за големиот број болести поврзани со пушењето.
- Никотинот сам по себе не е главна причина за рак, кардиоваскуларни и белодробни заболувања, како и предвремена смрт, туку тоа се супстанците од согорувањето. Изедначувањето на никотинот со чадот од цигарите не е мала техничка грешка, туку пристап што ја заведува јавноста и води кон креирање лоши јавни политики – пишува во писмото.
Авторите нагласуваат дека основното прашање не е дали алтернативните производи без чад се без ризик, туку дали се повеќе или помалку штетни од продолжувањето на пушењето традиционални цигари. Притоа, авторите потсетуваат дека токму ваков компаративен пристап веќе е побаран од Европскиот парламент во неговата резолуција за борбата против ракот од 2022 година и предупредуваат дека оценувањето на производите без чад само во однос на целосното откажување од пушењето би било отстапување од таа рамка.
Посебен акцент авторите ставаат на реалното однесување на корисниците. За многу возрасни корисници, реална алтернатива не е целосната апстиненција, туку продолжување на пушењето со некаква алтернатива на традиционалните цигари. Притоа, авторите велат дека доколку Брисел ги оценува алтернативните производи само во однос на пристапот „не користење на ништо што содржи никотин“, тогаш прави голема грешка.















