[ФОТО] Голем бункер од времето на Студената војна денес е луксузно место за одмор: Во дневната соба ве чека – водопад

Точка

17/05/2026

16:05

980

Големина на фонт

а а а

Последниве години бункерите и подземните засолништа станаа неочекуван хит на пазарот на недвижности: од луксузни приватни засолништа за милионери до апартмани скриени длабоко под земја, интересот за ваквите објекти експлодираше по пандемијата и геополитичките кризи.

Но, реално, повеќето од нас тешко можат да си дозволат сопствен бункер, па затоа екипа од американскиот Арканзас дошла до одлична идеја – на туристите да им понуди можност да преспијат барем две ноќи во едно такво засолниште!


Во срцето на планините Озарк, во местото Партенон, се наоѓа „Beckham Creek Cave House“, поранешно засолниште претворено во една од најнеобичните луксузни куќи за одмор во светот. Историјата на оваа необична градба е речиси неверојатна, пренесува порталот „What’s The Jam“. Пештерата, наводно, уште во времето на Дивиот Запад служела како скривалиште на бандата на Џеси Џејмс, додека за време на прохибицијата во неа работеле шверцери на алкохол. На почетокот на 1980-тите, во периодот на страв од нуклеарна војна со Советскиот Сојуз, просторот го купил Џон Хеј, косопственик на компанијата „Celestial Seasonings Tea“, кој им наредил на градежниците да копаат подлабоко во внатрешноста и да изградат вистинско атомско засолниште.

Подоцна објектот менувал сопственици и намени: едно време таму бил сместен луксузен ноќен клуб со хелиодром, а според локалните приказни, на отворањето со хеликоптери доаѓале Елизабет Тејлор, Мајкл Џексон и Силвестер Сталоне. Потоа служел дури и како јавна куќа, пред да биде претворен во луксузен објект каков што е денес.


Денешниот „Beckham Creek Cave Lodge“ се простира на повеќе од 500 квадратни метри во рамките на природна пештера, опкружен со 256 хектари приватно земјиште. Во него можат да престојуваат осум гости, а објектот има четири спални соби и четири бањи. Ентериерот изгледа како комбинација од луксузен лофт и природна пештера; голите карпи се оставени видливи во речиси сите простории, вклучувајќи ги дневната соба и бањите. Во големиот дневен простор се наоѓаат природен водопад, огромен телевизор и масивни софи, додека кујната вклучува професионална опрема, голем остров и модерно осветлување.

Најпознатата просторија е главната спална соба со голем кружен кревет и декоративни светилки што висат од таванот на пештерата. Посебен впечаток остава фактот што сѐ е врежано во природна карпа, со сталактити и природни формации интегрирани во дизајнот.


Освен самото сместување, на гостите им се достапни приватни шумски патеки, организирани возења со теренски возила, езеро со кајаци, места за риболов, простор за логорски оган, зона за одмор со мрежа за спиење, диск-голф, пешачки патеки и видиковци над долината Озарк. Посетителите можат да уживаат и во рафтинг, планинарење и возење велосипед, а во близина се наоѓа и „Eureka Springs“, едно од најпознатите туристички места во Арканзас.

Интересно е што објектот со години бил и на пазарот на недвижности, со барана цена од околу 2,75 милиони долари. Денес може да се изнајми за 2200 долари по ноќевање (околу 2030 евра), со минимален престој од две ноќи. Во цената е вклучена целата куќа и комплетниот приватен имот – нема поединечни соби ниту делење простор со други гости.