Шпанскиот селектор Луис де ла Фуенте допрва ќе го објави составот кој ќе ја претставува „фуријата“ на СП 2026, но медиумите сметаат дека најголем дел од позициите се веќе резервирани и може да се претпостави кои играчи имаат сигурен мундијалски билет.
Сепак, како што потенцира „АС“, неколку места ќе донесат неизвесност до последен момент, пред се поради слабата форма или некој проблем со повреда на помалку од еден месец до стартот на првенството.
Шпанскиот медиум истакнува дека во таква ситуација е Дин Хаусен, дефанзивецот на Реал Мадрид, кој досега не го убедил целосно селекторот дека треба да биде дел од мундијалскиот состав.
Иако има доста натпревари зад себе оваа сезона, формата на Хаусен варираше, исто како и проблемите со повреди, па младиот стопер може да ја загуби битката во жестоката конкуренција која е реалност.
Играчи како Лапорт и Кубарси се сигурни патници, сличен е статусот на Пубиљ, а Хаусен е во конкуренција на Москера, Гарсија, Ле Норманд, Вивијан и други и лесно може да извиси.
Де ла Фуенте ќе го соопшти официјалниот список на 25. мај.





