Мицкоски се пофали: Повторно сме со најниски цени на бензините и на дизел горивата

Макфакс

17/05/2026

12:20

118

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски објави дека Владата ја продолжи одлуката за намален ДДВ и намалени акцизи на бензините и дизелот до 1 јуни, со што се обезбедуваат најниски цени на горива во регионот, што привлекува и граѓани од соседните земји.

Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека вчерашната одлука на Владата за продолжување на мерките за намален ДДВ за бензините и намалени акцизи за дизелот и за бензините до 1 јуни ќе значи дека и понатаму ќе имаме горива со најниски цени во регионот.

-Вчера имваме вонредна онлајн седница на Владата на која до 1 јуни ги продолживме мерките што значат намален ДДВ за бензините и намалени акцизи за бензините и за дизелот. Со тоа ние како држава повторно сме со најниски цени на бензините и на дизел горивата, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по пуштањето нов градски пазар во Виница.

Мислам, додаде, дека така и треба да продолжиме и понатаму.

-Покрај сите ризици и покрај сите предизвици со кои се соочува светот ние во овие речиси три месеци од би рекол најголемата енергетска криза која се има случено не според моето кажување, туку и според кажувањето на претседателот на Светската енергетска заедница, како држава не само што успеваме да обезбедиме најниска цена за горивата, туку и практично да им ја понудиме на соседните земји, бидејќи голем дел од нивните граѓани од север, запад и југ доаѓаат кај нас да точат гориво, рече Мицкоски.

Како Влада, порача, ќе продолжиме во таа насока и понатаму.

Со одлуката на Владата и во наредните две недели ќе важи намалениот ДДВ од 18 на 10 отсто за бензините и намалената акциза од 4 денари по литар за дизелот и од два денари по литар за бензините.