„Авокадо тост“ станува сè попопуларен појадок – заситува, а за неговата подготовка не е потребно многу време.
Освен што е вкусно, авокадото е и нутритивно богато, што го прави одличен избор за појадок. Богато е со здрави мононезаситени масти кои обезбедуваат долготрајно чувство на ситост и помагаат во одржување стабилно ниво на енергија во текот на утрото, без нагли падови на шеќерот.
Исто така, авторката на прирачници за готвење Сара Велс истакнува дека солта е тајната состојка што авокадото го претвора во вкусен оброк. Како што наведува, авокадото станува повкусно и покремасто кога ќе се зачини со соодветен вид сол, која ја извлекува неговата природна арома, пишува „Mirror“.

Состојки:
• едно авокадо
• две парчиња леб
• една лажица сок од свеж лимон или лимета
• една лажица маслиново масло
• крупна морска сол
• свежо мелен црн бибер

Подготовка:
Потпечете ги парчињата леб до златно-кафеава боја и посакуваната крцкавост.
Додека лебот се потпекува, пресечете го авокадото и со лажица извадете ја внатрешноста во сад. Потоа додадете маслиново масло и сок од лимон, па зачинете со прстофат крупна сол и свежо мелен бибер.

Со лажица изгмечете го авокадото до посакуваната структура. За покремаст намаз, гмечете подолго, а ако сакате парчиња, оставете го со погруба текстура.
Подготвеното авокадо рамномерно распоредете го врз потпечениот леб.







