Комисија за заразни болести: Низок е ризикот од појава и ширење на хантавирус во државата

Макфакс

15/05/2026

12:00

147

Големина на фонт

а а а

Комисијата за заразни болести од Министерството за здравство оцени дека ризикот од појава и ширење на хантавирус во Македонија е низок, а здравствениот систем е подготвен за евентуална појава на инфекцијата, со достапни лабораториски реагенси и капацитети за третман.

Комисијата за заразни болести формирана при Министерството за здравство одржа седница со цел разгледување на состојбата со појавата на кластер со хантавирус – андес варијанта во светски рамки и оцени дека во нашата држава е низок ризикот од појава и ширење на вирусот и здравствениот систем е подготвен за справување со евентуална појава на инфекцијата.

Институтот за јавно здравје располага со реагенси за лабораториско докажување на вирусот, како и со стандардни оперативни процедури за дијагностика на овој вирус.

Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби располага со соодветни капацитети за третман на евентуални пациенти со симптоматологија карактеристична за инфекција со хантавирус – андес варијанта, односно има соодветни услови за интензивна нега, механичка вентилација и респираторна поддршка.

Комисијата истакна дека андес варијантата, за разлика од останатите варијанти на хантавирусот, има можност за пренос од човек на човек при подолг и близок контакт, но важно е да се нагласи дека преносот не е брз и лесен како кај коронавирусните инфекции.