Венко Филипче упати јавно барање до Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да им се извини на македонските граѓани за долгогодишните лаги, поделби и штетни политички практики, повикувајќи ја опозицијата да ја следи европската политика наместо личните и бизнис интереси.
Време е оваа организирана група на Христијан Мицкоски и ВМРО да им се извини на граѓаните за годините лаги и токсични поделби во општеството. Време е да престанат со театарот и да ја продолжат политиката на европска иднина. Доколку не сакаат, а не сакаат поради нивните бизниси, нека си заминат, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој јавно го повика Мицкоски да им се извини на граѓаните.
„Јавно го повикувам Христијан Мицкоски, носителот на оваа измислена лажна кампања, да излезе и да им се извини на сите граѓани на Македонија. Барам извинување за изгубените години, за сите навреди што ги претрпеа оние што го поддржуваа Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, за оние што веруваа во Европската Унија, за многумина кои поради евроскептицизмот и оваа лажна кампања ја напуштија земјата и се иселија. Барам од Христијан Мицкоски да излезе и да се извини во свое име и во името на неговата партија. Кога умееше да клечи и да моли за да дојде на власт, може и сега да излезе и да се извини за лагите и пропагандата што ја спроведуваше години наназад“, рече Филипче.
Тој упати порака до поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ дека Мицкоски ги лажел со години наназад.
„Порака до сите кои гласаа за ВМРО затоа што поверуваа во оваа лажна кампања и манипулација на Христијан: драги сограѓани, ве лажеа со години наназад. Со многу силна пропаганда што ви се сервираше секојдневно преку целата медиумска и партиска машинерија. Орбановите медиуми, фармата на тролови увезена од сестринската СНС партија од Србија и платформите со ботови. Немојте да се грижите. Ништо не е продадено, ништо не е загрозено.Но сега, истите тие, истата група што го правеше ова со години, се обидува да го спречи нашиот европски пат. Зошто? За да ги сочуваат своите позиции, за да продолжат да го ограбуваат народот и да продолжат со криминалот и корупцијата. Тие не ја сакаат Европа, затоа што Европа носи независни институции, носи независно судство, носи европско обвинителство“, рече Филипче.











