АСОМ го критикува новиот предлог-закон за игри на среќа, предупредувајќи дека наместо да го заштити општеството, тој потенцијално ќе ги стимулира нелегалните обложувања и црниот пазар, со што ризиците за граѓаните, особено за малолетниците, може значително да се зголемат.
Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, што Владата го усвои на последната седница, претставува обид за затворање на легалните приредувачи на игри на среќа и отворање на нелегалното обложување по примерот на Албанија, сметаат од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ). Со уривањето на легалната индустрија, од Асоцијацијата предупредуваат дека Владата свесно ја отвора вратата за црниот пазар.
„Затворањето на регулираните објекти нема да ја намали желбата за игра, туку само ќе ја префрли во темните подруми и на нелегалните онлајн платформи кои се надвор од секаква институционална контрола. Наместо заштита, граѓаните ќе бидат турнати во рацете на криминалното подземје“, велат од АСОМ.
Додека државниот буџет ќе изгуби над 280 милиони евра годишно легални приходи, тие пари ќе завршуваат во џебовите на мафијата. Во такви нерегулирани услови, малолетниците ќе бидат најизложени на ризик, бидејќи за разлика од легалните приредувачи, кои строго ја контролираат возраста, црниот пазар не познава ниту правила ниту етика.
„Ова е закон кој не го штити општеството, туку го криминализира! Прашуваме, дали е ова една од скриените цели? Зошто државата не учи од примерите во соседството како Албанија каде токму тоа се случи или пак намерно се креира вакво сценарио? Во Албанија за кратко време се отворија многу нелегални објекти за игри на среќа, порасна криминалот, а играчите се ставија во ризик. Дали ова го сака државата?“, прашуваат од АСОМ.
Понатаму, додаваат од Асоцијацијата, факт е дека никаде во светот ваков закон не постои, ниту има докази дека тоа ќе значи некаква заштита за малолетниците. Индустријата е целосно регулирана, сите членки целосно ги спроведуваат одредбите за заштита, и затоа тврдењата на Владата се најобична манипулација, порачуваат од АСОМ.
АСОМ остро се спротивставува и на предложената законска измена со која се монополизира приредувањето на игри на среќа преку интернет и со која исклучиво право за нивно приредување ѝ се доделува на државата.
„Државата јасно и недвосмислено воспоставува монопол врз приредувањето на игри на среќа преку интернет, целосно исклучувајќи ги лиценцираните приредувачи, кои нема да можат да добијат право да приредуваат посебни игри на среќа преку интернет“, стои во соопштението.
Дали целта на законот е всушност државата и поединци да се богатат на сметка на затворање на објектите? Дали ова е закон од интерес, а не наводна заштита на граѓаните?, прашуваат од Асоцијацијата.











