Општина Илинден: Успешно реализирана овогодинешната литературна манифестација „Денови на културата“

Макфакс

14/05/2026

11:01

106

Големина на фонт

а а а

Општина Илинден успешно ја заврши тридневната културна манифестација „Денови на културата 2026“ која собра љубители на уметноста и литературата, нудејќи богата програма со поетски настапи, театар, ликовна изложба и музички перформанси од локалните таленти.

Со свечена централна манифестација што се одржа во Домот на култура „Илинден“, Општина Илинден го заокружи тридневното културно збиднување „Денови на културата 2026“, кое и оваа година обедини бројни љубители на литературата, уметноста и културното творештво.

На завршната вечер, пред многубројната публика, се обрати покровителот на манифестацијата, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека локалната самоуправа останува посветена на негувањето на македонската култура, поддршката на уметниците и создавањето можности за афирмација на младите таленти.

Во рамки на централниот настан се одржа поетска вечер посветена на современата македонска родољубива поезија, а посебна харизма на настанот даде настапот на познатата македонска музичка уметница Лидија Кочовска.

Во рамки на тридневната манифестацијата беше реализирана богата културна програма што започна со детска театарска претстава, а продолжи со традиционалното Литературно матине за деца, каде беа доделени награди и признанија за најуспешните литературни творби и за автори кои придонесуваат во развојот на литературата. Посетителите имаа можност да уживаат и во културно-уметничка вечер исполнета со ликовна изложба, настапи на културно-уметнички друштва, танцови точки и музички изведби на ученици од општина Илинден.

„Со успешно реализираната манифестација „Денови на културата 2026“, Општина Илинден уште еднаш ја потврди својата заложба за поддршка и промоција на културата, литературата и уметноста, создавајќи простор за културна афирмација, креативно изразување и збогатување на културниот живот во општината“.