Министерството за одбрана на САД ги стопираше плановите за испраќање на повеќе од 4.000 војници во Европа, претежно во Полска, во рамките на рутинска ротација. Оваа одлука, која експерти ја оценуваат како изненадувачка, доаѓа по наредбата за повлекување на дел од силите од Германија и ја нагласува тековната стратегиска адаптација на САД во регионот.
Министерството за одбрана на САД го запре распоредувањето на повеќе од 4.000 војници во Европа, потег што ги изненади некои воени претставници, објави германската новинска агенција дпа. Одлуката е донесена на состанок на командата на американските сили за Европа (EUCOM) и делови од американската војска, објави „Волстрит журнал“, повикувајќи се на официјален претставник на Пентагон.
Се очекуваше војниците да бидат распоредени во Полска за планирана деветмесечна ротација. Американската војска во март соопшти дека бригадата ќе ги замени другите сили како дел од рутинска ротација. Според „Волстрит журнал“, дел од опремата и персоналот веќе биле на пат, поради што некои воени претставници биле изненадени од одлуката.
Повлекување на трупите од Германија
„Волстрит журнал“, повикувајќи се на неколку претставници на Пентагон, објави дека EUCOM препорачал повеќе од 4.000 војници да не бидат заменети, но не побарал итен прекин на мисијата.
Порталот кој се занимава со прашања од одбраната „Task and Purpose“ објави дека се очекувало војниците да работат со партнерските сили во Полска како дел од операцијата „Atlantic Resolve“, која САД ја започнаа во 2014 година за да ги поддржат сојузниците на НАТО во Европа по руската анексија на Крим.
Извештајот доаѓа околу две недели откако американскиот министер за одбрана Пит Хегсет нареди повлекување на околу 5.000 американски војници од Германија. Полска потоа ја повтори својата подготвеност да прими уште повеќе американски сили.
Полскиот претседател Карол Навроцки рече дека речиси 10.000 американски војници се распоредени во Полска, а повеќето од нив се ротирани во други американски бази низ Европа.











