Легендарниот фрижидер од 1954 година на мајката на Елизабета Втора заминува во историјата: Го изладил својот последен шампањ

Точка

11/05/2026

21:11

341

Големина на фонт

а а а

Фрижидерот произведен во 1954 година, кој се наоѓал во замокот Касл Меј на северот на Шкотска го изладил својот последен шампањ и престанал да работи по многу децении, пишува денес „Тајмс“.

Овој фрижидер наречен „Frigidaire“, произведен во Англија, може да се смета за еден од ретките предмети што останале како сведоци на штедливоста на мајката на кралицата Елизабета Втора, наведува весникот.

И покрај тоа што пиела само најдобар шампањ, имала сопствена штала со тркачки коњи и повеќемилионски дозволен минус во елитната банка „Коутс“, кралицата-мајка знаела да биде изненадувачки штедлива, па поседувала само два пара чорапи што ги носела наизменично.


Најголемиот симбол на нејзината филозофија „смисли и поправи“ бил токму стариот фрижидер што се наоѓал во кујната на нејзиниот сакан замок. Уредот, кој внимателно и лично го избрала во продавница во Вик во 1954 година, го изладил своето последно шише газирано француско вино.

Нејзиниот бел фрижидер се наоѓал во кујна со бели шкафчиња и кафеав под.


„За жал, фрижидерот сега престана да работи. Верувам дека престанал да работи во текот на минатата сезона поради тоа колку долго бил во употреба“, изјавил портпаролот на задужбината на кралицата Елизабета во Касл Меј, која е дел од Кралската фондација.


Тој додал дека фрижидерот во шпајзот на батлерот, кој бил купен околу десет години по оној на мајката на кралицата и понатаму работи и се користи, така што барем сè уште постои еден исправен фрижидер во замокот од времето на покојната кралица.

Фрижидерот на Елизабета Боуз-Лајон, кој го произвела компанијата „Џенерал моторс“ во Англија, бил направен да трае. Единствениот пат кога фрижидерот висок 1,75 метри претходно имал проблем било кога дошол во контакт со модерна технологија.


Централното подно греење, кое било инсталирано во 2000 година, очигледно ја нарушило неговата контрола на температурата, по што бил поставен на блокови и проблемот бил решен.